Вести|

6 октомври 2022, Скопје – Република Северна Македонија добива континуирана поддршка од САД преку УСАИД во спроведувањето на реформите на нејзините евроатлантски интеграции. Таквата поддршка беше потврдена на денешната средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими со в.д. шефот на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, Ерик Мејер и новата претставничка на Канцеларијата на УСАИД во РС Македонија, Џери Дајбл, на која беа разменети и договорите за нов Амандман од Договорот за грант за партнерство за развој.

Потпишувањето на овој амандман е дел од четиригодишната програма за партнерство што е во вкупна вредност од 56,5 милиони долари. Со потпишувањето на овој најнов, четврти амандман средствата што стануваат ефективни од целата програма достигнаа 23,4 милиони долари. Овие средства се насочени кон зголемување на економскиот раст преку подобрување на конкурентноста, намалување на бариерите за проширување на евроатлантските пазари и унапредување на енергетската безбедност, зголемување на ангажманот на младите за поттикнување економски можности и нивна мотивација да преземат активна улога во развојот на земјата, како и намалување на корупцијата и поттикнување култура за одговорност.

Министерот Бесими изрази благодарност до Владата на САД која постојано ѝ дава значајна поддршка на нашата Влада во спроведувањето на активностите насочени кон економски раст и стабилност, како и зајакнување на демократските капацитети на институциите. Исто така, додаде дека еден од приоритетите на Министерството за финансии е обезбедување поголема транспарентност, за што веќе се преземени одредени мерки, но дека тој процес треба да се унапредува и се очекува поддршка во тие напори.

На средбата беа поздравени најавените напори од американска страна за борба против корупцијата и намалување на сивата економија, за што министерот Бесими изрази особен интерес за обезбедувањето техничка поддршка од УСАИД.

САД претставени од УСАИД досега имаат инвестирано 840 милиони американски долари за развој на Република Северна Македонија и остануваат посветени на поддршката на земјата во реализацијата на нејзината визија за понатамошна евроатлантска интеграција.

Во текот на средбата министерот Бесими ги претстави и макроекономските движења, реформите што се преземаат и планираните инвестиции за забрзан економски раст, како и предизвиците со кои се соочува земјата а коишто произлегуваат од енергетската криза и мерките што ги презема Владата за нивно надминување. Исто така, беше истакната и поддршката во делот на зајакнување на фискалната децентрализација и на капацитетите на локалните самоуправи.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window