Вести|

10 октомври 2022, Скопје – Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд даде зелено светло за доделување 530 милиони евра на Република Северна Македонија преку Кредитната линија за претпазливост и ликвидност (The Precautionary and Liquidity Line – PLL) во рок од 24 месеци. Ова е големо признание за економските политики што се спроведуваат во земјава, бидејќи Фондот овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики.

По финалното одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, коешто се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе ѝ бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите што ги предизвика енергетската и ценовната криза. Самата намена на инструментот е да пружи ликвидносна поддршка на здрави економии во време на шокови и кризи, каква што е тековната глобална ситуација.

Во изјавата на мисијата на ММФ се дава признание и на заложбите на Владата за понатамошно спроведување на фискалната консолидација, како и на реформите во јавните финансии, пред сè новиот Закон за буџети и фискалните правила коишто ќе придонесат во оваа насока.

Пристапот до овој финансиски инструмент испраќа силни сигнали од страна на ММФ за домашната економија до меѓународните пазари и инвеститори. Имено, при одобрувањето, покрај позитивната оцена за економијата од последната мисија на Фондот во земјава, ММФ ги оценува и фискалната политика, монетарната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор и соодветноста на податоците. Оваа линија значи доверба во економијата и политиките што се спроведуваат во земјата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window