Вести|

12 октомври 2022, Скопје – Делегација од РС Македонија предводена од министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка на РС Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска од денеска престојува во Вашингтон каде што ќе учествува на Годишните средби на ММФ и Светска банка. Годишните средби се фокусирани на барање одговори за справување со енергетската и ценовната криза, промовирање инклузивен раст, инвестиции за климатски промени, како и инвестирање во човечки капитал.

Средбите на едно место обединуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на бизнис-заедницата, на невладиниот сектор и експерти кои имаат можност да дискутираат за актуелни прашања и да изнајдат можности за нивно надминување. Тоа е можност и за одржување формални и неформални состаноци помеѓу присутните.

Министерот за финансии, во рамки на престојот во Вашингтон, ќе реализира повеќе состаноци со високи претставници на овие меѓунaродни институции. Меѓу нив се средба со извршниот директор на Светска банка, Кун Давидсе, потпретседателот на Светска банка, Ана Бјерде, регионалниот директор за Западен Балкан, Шјаочјинг Ју и со директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи.

Исто така, ќе се сретне и со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, директорот на Одделот за Европа на ММФ, Алфред Камер, шефот на мисијата на ММФ за РС Македонија, Бергљот Бјорнсон Баркбу и со регионалниот претставник за Западен Балкан, Штефани Ебле.

Министерот ќе оствари средба и со претставници од Трезорот на САД, како и со претставници од Европската банка за обнова и развој и од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).

На состаноците министерот ќе ги истакна напорите и мерките што ги презема Владата за справување со енергетската и ценовната криза, истовремено и за одржување на макроекономската стабилност. Значајно во пресрет на одржувањето на овие состаноци е и изјавата од ММФ дека РС Македонија ќе биде корисник на Програмата за претпазливост и ликвидност, што претставува потврда за здравите економски политики.

„Заострувањето на геополитичките состојби во Европа, особено на ситуацијата со испораката на гас, навестува тешка зима за целото европско тло, за нас како дел од тоа европско тло, но и за светот генерално. Оваа криза е од такви размери што ние како мала економија во развој не можеме да ги апсорбираме сите ефекти. Затоа, во овие моменти, од клучно значење се единството, солидарноста и поддршката во нејзиното надминување“, порачува министерот за финансии, Фатмир Бесими.

На средбите ќе бидат истакнати мерките што се преземени за справување со кризата и нивното финансирање, потоа фискалната одржливост и реформите што се планирани со неодамна донесeниот нов Закон за буџети, кој претставува клучна реформа за поголема отчетност, дигитализација и подобро долгорочно планирање, како и дигитализацијата на процесите со воспоставување на системот ИФМИС, проект којшто се спроведува со поддршка на Светска банка. Но, исто така, акцент ќе биде ставен и на инвестициите што ги планира државата во секторот енергетика, во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, диверзификација на обезбедувањето енергенси и поддршка на нивната реализација, што се покажа особено значајно во оваа криза.

Годишните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон се одржуваат од 10 до 16 октомври 2022 година.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window