Вести|

15 октомври 2022, Вашингтон – Реформите во управувањето со јавните финансии и нивната имплементација од страна на Министерството за финансии беа тема на средбите на министерот за финансии, Фатмир Бесими со директорот на Одделот за Европа на ММФ, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и шефот на Мисијата на ММФ за РС Македонија, Бергљот Баркбу во Вашингтон, во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ.

На средбите министерот потенцира дека иако фокусот на Владата е насочен кон справување со енергетската криза и излез од неа со најмали можни негативни последици, континуирано се работи и на реформската агенда којашто ќе нѐ доближи до европските стандарди и ќе овозможи забрзан раст.

„Ние сме посветени на нашата зацртана реформска агенда којашто подразбира унапредување и поголема транспарентност во управувањето со јавните финансии. Значаен чекор во тоа е усвојувањето на новиот Закон за буџети, кој значи нов концепт во буџетирањето базирано на резултати и мерење на нивната успешност, што ќе ја подобри ефикасноста и ефективноста на јавните расходи. Со Законот се воведуваат нови фискални правила и фискални принципи. Ќе се формира и Фискален совет кој ќе обезбедува независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки. Со Законот се воспоставува и среднорочно буџетирање и петгодишна фискална стратегија. Сето тоа ќе значи поголема транспарентност и поголема контрола на трошењето на парите од граѓаните прибрани во Буџетот“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека реформите не се однесуваат само на расходната страна на Буџетот, туку дека ја опфаќаат и приходната страна, за што е подготвен концепт на даночна реформа којшто се заснова на донесената Стратегија за даночни реформи. За даночната реформа е отворена широка јавна дебата, а финалната верзија ќе инкорпорира и значаен дел од изнесените поенти во јавните дебати.

На средбите стана збор и за мерките што се преземаат за ублажување на ценовниот шок, намалување на сивата економија, како и за спроведувањето на фискалната консолидација, унапредувањето на фискалната децентрализација, забрзувањето на зелената транзиција и дигитализацијата. Воедно, беше констатирано дека одлично се одвива координацијата меѓу монетарната и фискалната политика, во доменот на зајакнување на финансиската стабилност и зачувување на растот. Беше посочено дека имплементацијата на реформите е проследена со висок степен на фискална транспарентност и отчетност и дека во тој дел земјата и досега ја имала поддршката од Меѓународниот монетарен фонд и дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window