Вести|

2 декември 2022, Скопје – Република Северна Македонија добива 4 милиони евра грант од ЕУ за кофинансирање на Проектот на Светска банка за модернизација на земјоделството во вредност од 46 милиони евра.  Договорот за грантот од ЕУ денеска во Министерството за финансии го потпишаа министерот за финансии, Фатмир Бесими  и директорката на СБ за Западен Балкан, Шиаочин Ју. На потпишувањето на Договорот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово Масимилијано Паолучи и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Грантот од 4 милиони евра, како и  4,5 милиони евра од Проектот на Светска банка ќе се искористат за воспоставување систем за безбедно отстранување животински нуспроизводи. Целта е да се заштити животната средина и да се намали влијанието од одлагањето на овој отпад на депониите.

Министерот за финансии Фатмир Бесими по потпишување на Договорот рече дека модернизацијата на земјоделскиот сектор во земјава е еден од приоритетите на Владата и дека оваа поддршка е значајна во таа насока.

„Договорот е поддршка на нашите активности за модернизација на овој сектор,  што е дел од нашата програма и евроинтегративниот процес. Како Влада даваме значајна поддршка на овој сектор за да се подигне конкурентноста и да се зголеми домашното производство. Од наредната година се воспоставува и нов систем за субвенции со цел поефикасна распределба на средствата и поголем ефект“, рече министерот Бесими.

Директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово Масимилијано Паолучи, истакна дека Проектот на Светска банка за модернизација на земјоделството (во износ од 46 милиони евра) е насочен кон подобрување на конкурентноста на земјоделскиот сектор и зајакнување на јавните институции во Северна Македонија во рамки на пристапниот процес на земјата во ЕУ.

„Усогласувањето на стандардите за безбедност на храната со барањата на ЕУ е од клучно значење за успешен раст на прехранбено-преработувачката индустрија и за слободен проток на земјоделските производи на пазарот. На тој начин ќе се зајакне и можноста за следење на потеклото и преработката на производите што, пак, ќе доведе до подобрување на пристапот до пазарот“, потенцира Паолучи.

„Имплементацијата на Проектот за модернизација на земјоделството финасиран од Светка банка е дел од нашата долгорочна политика за обезбедување сигурни и безбедни синџири на снабдување со здрава храна за нашите граѓани. Освен системот за безбедно отстранување на нуспроизводите од животинско потекло, во рамки на Проектот ќе изградиме два откупни центра во Струмица и во Ресен и логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје. Упатувам голема благодарност до Светска банка и до Делегацијата на ЕУ за поддршката што ја добиваме не само за овој Проект, туку и на целиот наш развоен пат за побрзо пристапување кон европското семејство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

„ЕУ обезбеди грант од 4 милиони евра што ќе го надополни заемот од 4,5 милиони евра од СБ за изградба на погони и воспоставување модерен систем за собирање и третман на нуспроизводи од животинско потекло, според највисоките стандарди на ЕУ“, рече Гир.

Тој додаде дека земјоделството и производството на храна се многу значајни сегменти за социо-економскиот развој, како и за растот на вработеноста во земјата, така што Европската Унија секако ќе продолжи и во претстојните години да обезбедува значителни средства за овој важен сектор.

Проектот за модернизација на земјоделството е дел од Рамката за партнерство на Светска банка за Република Северна Македонија 2019-2023 година. Проектот е во вредност од 46 милиони евра, а со денеска потпишаниот договор ЕУ кофинансира уште 4 милиони евра. Целта на истиот е да се подобри конкурентноста во насочени земјоделски подсектори и да се зајакнат институционалните капацитети на земјоделскиот сектор за пристап до европските фондови. Проектот се состои од четири компоненти што се однесуваат на промовирање на конкурентноста во земјоделскиот сектор, пристап до обука и советодавни услуги, воспоставување системи за дистрибуција на земјоделски производи и храна и зајакнување на институционалните капацитети за пристапување во ЕУ.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window