Вести|

23 декември 2022, Скопје – Собранието на РС Македонија денеска го усвои Дополнетиот предлог буџет за 2023 година,  кој значи справување со последиците од енергетската криза, поставуање основи за економско заздравување и забрзување на економскиот раст и фискална одржливост.

Согласно усвоениот предлог Буџетот за 2023 година изнесува 324,8 милијарди денари, приходите се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари, што е за 14,8% повисоко од 2022 година, притоа дефицитот е на ниво од 4,6% од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари и истиот ќе се финансира од домашни и надворешни извори. Проекцијата за економскиот раст за 2023 година е 2,9%, а инфлацијата 7,1%.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во експозето по Дополнетиот предлог буџет за 2023 година во Собранието истакна дека  буџетот за 2023 година е реален и ги лоцира приоритетите и соодветно ги алоцира средствата на граѓаните и фирмите. Со него се обезбедува заштита на стандардот на граѓаните, се унапредува квалитетот на живот, а истовремено се прави фискална консолидација и подобра контрола на трошењата.„

„Предизвиците со кои се соочивме во 2021, 2022 ќе бидат присутни и во 2023 година. Затоа со овој Буџет, кој е најзначен документ што ги содржи сите мерки и политики за наредната година, ќе се даде поддршка за надминување на предизвиците од кризата и поддршка за поставување основа за економски раст“, рече денека министерот.

Тој додаде дека во оваа година имаше поконзервативен пристап во проектирањето и дека годината ќе се заврши со понизок дефицит од планираниот и дека и јавниот долг ќе биде под 60 %, а средствата доделени за справување со енергетската криза достигнаа над  200 милиони евра. При тоа додаде дека оваа година и кон стопанството е извршен поврат од 700 милиони евра, што е за 210 милиони евра повеќе.

„За следната година се планирани 240 милиони евра за справување со енергетската криза. Околу 800 милиони евра се за капитални инвестиции. При тоа 700 милиони евра се за финансирање на дефицитот, 850 милиони евра за стари задолжувања, при што ќе практикуваме модели за финансирање кои се со помал трошок, како што тоа беше пракса и оваа година“, посочи министерот, наведувајќи дека средствата за дефицитот се за капиталните инвестиции при што е значајно дека се менува структурата во проекти од енергетиката.

Во 2023 година за капитални инвестиции се планирани 48,8 милијарди денари кои се за 51,8% повеќе во однос на планот за 2022 година. Тие се за интензивирање на реализација на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Во 2023 година со Буџетот се обезбедува 276,1 милијарда денари за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор. Средствата за стоки и услуги се на исто ниво како во 2022 година, поточно во износ од 23,6 милијарди денари, а со нив се обезбедува финансирање на зголемените трошоци за енергија и транспорт и непречено функционирање на институциите. Во Буџетот се обезбедени 144,9 милијарди денари за социјални трансфери, односно за исплата на пензии 75 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита 12,7 милијарди денари, за здравствена заштита 42,1 милијарда денари и 26,7 милијарди денари се трансфери до единиците на локалната самоуправа, коишто се зголемени за 1,2 милијарди денари. Триста и седумдесет милиони денари во дополнетиот Предлог-буџет се обезбедени и за  субвенциониран студентски оброк за академската 2022-2023 година. Поради продолжување на кризата и за натамошна заштита на граѓаните и стопанството, во 2023 година се предвидени близу 14 милијарди денари за поддршка на граѓаните и компаниите.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window