Обраќање на МФ Миноски по повод посетата и презентација на фондација Херитиџ

22.02.2017, Скопје - Би сакал да им посакам добредојде во Македонија на претставниците на фондацијата Херитиџ – Амбасадорот Тери Милер, директор на Центарот за трговија и економија во Херитиџ и Антони Ким менаџер за истражување во фондацијата. Чест ни е што сте наши гости и би сакал да ви се заблагодарам за интересот кој го покажавте за нашата земја и за економските политики кои ги спроведуваме тука.

Оваа посета доаѓа непосредно по последниот извештај на фондацијата Херитиџ и Вол Стрит Џурнал за економските слободи во светот. На наше големо задоволство Македонија постигна голем напредок согласно индексот на економски слободи. Годинава во конкуренцијата на 186 земји сме рангирани на 31 место со што го подобривме рангот за 16 места во споредба со минатата година, додека во споредба со 2006 година имаме навистина големо подобрување од 47 места. Ова ја става Македонија во позиција на лидер во регионот според индексот на економски слободи, односно како убедливо економски најслободна земја во регионот, 15-ина места над најблискиот конкурент од соседството. Македонија е и пред многу поразвиени европски економии на листата, што е показател за нашето залагање во реформскиот процес.

Ова рангирање значи многу за Македонија бидејќи индексот вреднува индикатори кои им се важни на инвеститорите и бизнисот, како сопственички права, интегритетот на владата, даночно оптоварување,  слободата на бизнисот, слободата на трговија, слобода на инвестирање итн..

Владата во контиунуитет работи на подобрување на климата за водење бизнис во земјава. Во текот на изминатите години упростен и намален е бројот на процедури, поефтинети се значително постапките и намалено е даночното оптоварување. Македонија е меѓу земјите со најниски даноци во светот, бидејќи веруваме дека ниските даноци придонесуваат за раст на инвестициската активност и претприемништвото.

Годинава Македонија е рангирана и меѓу десетте најдобри економии во светот и петте најдобри економии во Европа за водење бизнис според Дуинг Бизнис на Светска банка, односно повеќе реномирани меѓународни институции го нотираат напредокот во реформскиот процес.

Спроведените економски реформи ги препознаа и странските инвеститори кои инвестираа или најавија инвестиции во Македонија. Изминатите десет години успеавме да привлечеме странски директни инвестиции од 2,6 милјарди евра. Овие инвестиции имаа битен импакт во македонската економија. Тие придонесоа за креирање на нови работни места, раст и диверзификација на македонскиот извоз, како и соработка со домашните компании.

Последниве десет години двојно се зголеми македонскиот извоз од 1,9 милијарди евра во 2006 на 4,3 милијарди евра во 2016 година и се очекува тенденцијата на раст да продолжи и оваа година. Освен растот на извозот, како придобивка може да се забележи и ориентирањето кон извезување на производи со повисок степен на обработка.

Би сакал да споменам и дека Владата ја охрабрува соработката на странските и домашните компании, бидејќи на тој начин се пренесуваат поусовршени технологии и know how во стопанството.

Сите овие тенденции се од голема важност за раст и развој на македонската економија и конкурентоста на приватниот сектор, што е наша крајна цел. Поради тоа континуирано работиме на подобрување на условите за стопанисување во земјава.

Ви благодарам, и да напоменам дека овие признанија ни значат многу и се голем мотив. Би сакал да Ви се заблагодарам на посетата и на интересот кој го покажавте за македонската економија. Сега во моментот кога земјата се соочува со политички превирања, бегалска криза на границата, добро е да се слушне дека економските политики кои ги водиме се добри и како такви и покрај сите околности даваат резултати.

 

Благодарам