МФ Миноски во работна посета на ЦРМ

Скопје, 24 февруари 2017 (МИА) - Дваесет илјади правни субјекти своите годишни пресметки ги доставиле по електронски пат до Централниот регистар на Република Македонија. Како што информираат од Централниот регистар, бројката е во значителен пораст од лани кога во истиот период изнесувала 12.000.

Со текот и начинот на поднесување на годишните сметки и финансиските извештаи за 2016 година за правните субјекти од страна на сите обврзници на Република Македонија, денеска беше информиран министерот за финансии Кирил Миноски кој беше во работна посета на Централниот регистар на РМ.

Станало збор за формата и начинот на кој субјектите имаат можност да го извршат поднесувањето, функционалноста на системот и за одличната бројка на поднесени годишни сметки во хартиена и електронска форма.

Централниот регистар соопшти дека со цел да излезе во пресрет за непречено одвивање на сите процеси при поднесувањето на пресметките, ќе работи утре од 8 до 16 часот, во понеделник и вторник од 8 до 20 часот, а од 8 до 16 часот ќе се примаат годишните сметки и во канцелариите во Кратово, Демир Хисар и Крушево.

Министерот Миноски, соопштуваат од Централниот регистар, ја поздравил успешната работа на оваа институција како клучна за реформскиот процес во делот на подобрување на бизнис - климата во Република Македонија.

Директорот Поповски, пак, ја нагласил досегашната успешна соработка со Министерството за финансии како важен фактор за спроведување на реформите и унапредување на процесите опфатени во делокругот на работа на Централниот регистар.

Моноски и Поповски се заложиле за понатамошна успешна соработка во насока на исполнување на барањата на граѓаните и на бизнис - заедницата, со цел унапредување на условите за водење бизнис.