Обраќање Миноски на 15 години БКМ: Бизнис клима подобра и од развиените економии

30 март 2017 Скопје - Изминатите години Бизнис конфедерацијата даде значителен придонес во унапредувањето на деловната клима и спроведувањето реформи кои помогнаа бизнисот да ја засили својата позиција во општеството. За овие 15 години конфедерацијата одигра значајна улога во подобрувањето на бизнис окружувањето, поттикнувањето на конкурентноста и деловната етика, развојот на дијалог во бизнис заедницата и градењето на партнерски односи.

Здравата економија и одржливиот економски раст се базираат исклучиво на кондицијата и потенцијалот за развој на приватниот сектор. Приватниот сектор е - и треба да биде основата и движечката сила на стопанството. Приватниот сектор и пазарот се оние кои се чинители и носители на економскиот процес.

Економските политики кои ги води Владата, се во функција на поддршка на приватниот сектор. Во текот на изминативе години направени се бројни реформи од страна на Владата со цел да се создадат идеални услови за стопанисување во земјава. Преземени се мерки и активности во скоро сите сфери, како намалување на трошоците за стопанисување, скратување на процедурите, поедноставување на административните постапки и друго.

Ако се направи споредба со процедурите и трошоците кои бизнисот ги имал пред десет години или во споредба со развиените европски економии, може слободно да кажеме дека Македонија има повеќекратно побрзи и поефтини постапки.

Денеска ефективната даночна стапка која ја плаќа стопанството е за три пати пониска од пред десет години кога истата изнесуваше високи 43,5%. Во повеќе реномирани извештаи се нотира дека во Македонија даноците се меѓу најниските во светот.

Регистрирањето на бизнис во Македонија денес оди 9 пати побргу во споредба со пред десет години, додека трошоците се 7 пати пониски. Ако се спореди со европскиот просек времето за регистрирање бизнис во Македонија е пет пати покусо, додека трошоците се четирикратно пониски од европските земји.

Процедурите за извоз се исто така значително олеснети во споредба со минатото, така што времето за извоз и увоз е трикратно намалено. Постапката за добивање на градежна дозвола пак е двојно намалена како во процедури така и во денови.

Повеќе меѓународни финансиски институции го забележуваат овој напредок и ја ставаат Македонија на врвот меѓу економиите според бизнис климата. Така, Светска банка преку реномираниот извештај Дуинг бизнис ја рангираше Македонија меѓу десетте најдобри економии во светот и петте најдобри во Европа за водење на бизнис, што е големо признание за било која економија.

Сите овие достигнувања се заслуга на континуираниот дијалог кој Владата го имаше со стопанствениците, преку кој се информираше за нивните проблеми, потреби и идеи.

Со Бизнис конфедерацијата изминативе години имавме плодна соработка и тие учествуваа и дадоа значителен придонес во консулатциите за минимална плата, за Законот за безбедност и здравје при работа, како и поддршката која Конфедерацијата ја дава во спроведувањето на активни мерки за вработување. На иницијатива на Бизнис конфедерацијата се воведе мерката за поддршка на брзо растечки фирми со која на брзорастечките претпријатија – газели, им се доделува грант од 10.000 евра.

На крајот би сакал да Ви го честитам јубилејот, да Ви посакам многу успешни години пред Вас, како и понатаму да пристапувате на работата со иста заложба и елан.