Обраќање на МФ Миноски на 6th Research Conference Central Banking under Prolonged Global Uncertainty: The Latest Lessons while Searching for the “New Normal"

Јубилејот 25 години независност на Народна банка на Република Македонија не заткенува во едни специфични услови за македонската економија. Поради тоа ја поздравувам иницијативата на Народна банка јубилејот да го одбележи со дискусија за лекциите кои ги научивме изминатиот период, кој навистина беше полн со предизвици.

Македонија во континуитет ја одржува макроекономската стабилност преку ниска стапка на инфлација, стабилен курс на денарот и прудентна фискална политика, што е еден од клучните услови за одржлив раст и предвидливо економско окружување. Пред глобалната економска рецесија, добрата  макроекономска поставеност заедно со политиките за намалување на јавниот долг и одржувањето на ниски стапки на буџетски дефицит, обезбедија простор фискалната политика во услови на криза да биде насочена кон поддршка на економскиот раст преку реализација на крупни инфраструктурни проекти.  Ваквиот пристап на краток рок донесе солидни стапки на економски раст, а на среден рок влијаеше на подобрување на конкурентноста и перспективите за развој.

Македонската економија покажа висока отпорност на негативните глобални економски случувања и успеа да оствари релативно високи стапки на раст во посткризиниот период.

Клучен придонес кон одржувањето на макроекономската стабилност и остварување на економски раст имаат спроведените структурни реформи и реформи за подобрување на бизнис климата. Владата и покрај сите предизвици остана доследна на политиката на одржување на ниски даноци што претставува дополнителна поддршка за приватниот сектор.

Тука се и регулаторните реформи за подобрување на бизнис климата и намалување на бирократијата, поедноставување и забрзување на постапките за добивање дозволи и лиценци, како и намалување на административните трошоци за фирмите. Спроведени се и значајни реформи за јакнење на капацитетот на јавната администрацијата и институциите.

Постигнатите резултати за подобрување на бизнис климата се потврдени и од релевантни меѓународни извештаи и институции. Во најновиот извештај Doing Business 2017 година на Светска банка, Македонија е рангирана меѓу десетте најдобри економии за водење бизнис во светот и меѓу петте најдобри во Европа.

Во изминатиот период во Македонија се реализираа бројни гринфилд инвестиции од страна на глобални компании и реномирани брендови кои донесоа нови технологии, нови знаења и практики и отворија можност за поголема соработка со домашните фирми. Тие придонесоа и за постепено менување на структурата на производството и извозот кон производи со поголема додадена вредност и повисоко технолошко ниво.

Конкурентноста на македонската економија континуирано се стимулираше и преку реформи за подобрување на квалитетот на образованието,  преку поттикнување на иновациите и претпримеништвото и преку вложување во крупни капитални инфраструктурни проекти.

Економското закрепнување на ЕУ имаше бавно темпо, а резултатите од одржаниот референдум во Велика Британија за членството во ЕУ ја зголемија политичката несигурност, иако финансиските пазари покажаа одредена отпорност по првичниот шок кој следеше по референдумот. Последиците од кризата во одредени земји-членки на ЕУ, како што се нефункционалните кредити, високата задолженост на приватниот и јавниот сектор, процесот на намалување на задолженоста, како и обновувањето на билансите на банкарскиот сектор имаа негативен ефект врз економскиот раст во ЕУ . Ниските инвестиции во последните години негативно влијаат врз потенцијалниот раст, а од друга страна очекувањата за низок раст ја потиснуваат инвестициската активност.

Покрај предизвиците од меѓународното окружување, македонската економија се соочува и со предизвици од тековната политичка ситуација. Во вакви услови перспективите за повисок економски раст се ограничени, но и покрај тоа изминатите две години економијата забележува солиден раст во просек од околу 3 отсто.

Она што највеќе радува се позитивните резултати на пазарот на работна сила, каде во континуитет имаме намалување на невработеноста, која достигна до историски најниски 23,1% или за скоро 15 процентни поени пониска од пред десетина години.

Повторно, ова се должи на добро поставените економски политики кои претходно ги спомнав, кои и покрај сите искушенија кои доаѓаат од земјата и однадвор даваат резултати.

Кон зачувување на макроекономската стабилност значајна улога одигра и Народната банка која преку мерките кои ги презема влијаеше кон стабилизација на состојбите во монетарниот сектор.

Покрај основната цел - постигнување и одржување на ценовната стабилност, друга значајна цел на Народната банка е да придонесува кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем. Значајна алатка во постигнувањето на оваа цел е Меморандумот за соработка за одржување на финансиската стабилност и управување со финансиска криза во Република Македонија. Со меморандумот е воспоставен Комитет за финансиска стабилност кој се состанува на редовна основа и на кој претставници на највисоко ниво од Народната банка и Министерството за финансии разменуваат информации за движењата во банкарскиот сектор и финансиските пазари, за можните ризици по финансиската стабилност и за можните економски и фискални ефекти од евентуалното нарушување на стабилноста. Ваквата соработка дава простор за координирана и навремена реакција.

Покрај координацијата на монетарната и фискалната политика, значајна и неопходна е соработката на Народната банка и Министерството за финансии на полето на изградба и зачувување на здрав и стабилен финансиски систем во државата. Во тој контекст сакам да истакнам дека двете институции во минатото и денес, заеднички работат на подготовка на регулатива со која се уредува позицијата и надлежностите на Народната банка, како и регулатива за банкарскиот систем и платната инфраструктура.

Во моментов е актуелен проект помогнат од Светска банка за подготовка на Закон за опоравување на банки. Целта е  да се овозможи брза реакција на супервизорот во случај на ризици во работењето на банките и да се избегне користење на јавни средства за опоравување на банки кои се соочуваат со проблеми. Паралелно со овој закон, ќе се работи и на подготовка на нов Закон за банки со кој ќе се уреди политиката на наградување со цел да се спречи истата да го стимулира менаџментот и лицата кои вршат контролни функции да преземаат поголеми ризици. Во делот на управувањето со банките ќе се  воведе политика на диверзификација која ќе обезбеди различни мислења при донесување на одлуките, односно ќе се избегне т.н. групно мислење.  

Друг актуелен заеднички проект на Министерството за финансии и Народната банка на е подготовка на новата регулатива за платните системи. Ова е крупен и значаен проект кој треба да обезбеди ефикасна платежна инфраструктура, компатибилна со онаа во земјите на Европската унија. Целта е да се воспостави безбеден, брз и со ниски трошоци, лесно достапен и приемчив за иновативни технологии платен промет, кој ќе влијае на стабилноста и на развојот на финансиските услуги и пазари.

Почитувани,

На крајот би сакал да го честитам јубилејот 25 години независност на Народната банка на Република Македонија и да посакам многу успех во понатамошната работа, како и да изразам надеж дека добрата меѓуинституционална соработка ќе продолжи и понатаму во интерес на одржување на здрав и стабилен финансиски систем во земјава.