Спроведување на реформите главен приоритет во Програмата за економски реформи 2018 - 2020

Реформи што ќе ја придвижат земјата напред треба да содржи новата Програма за економски реформи за периодот 2018-2020 година, што ќе ја спроведува Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ. Македонија е прва земја од регионот што го започнува овој четврти циклус реформи.

Ова беше посочено на денешниот иницијален состанок за Програмата за економски реформи во Скопје.

 - Во првата недела од промените веќе се случува настан со кој започнуваме процес на планирање реформи во периодот 2018-2020 година.  Има позитивни сигнали од ЕК за поддршка и многу е важно што имаме поддршка од еден стратешки партнер како ЕУ, бидејќи новата реформска Влада пред себе има огромен предизвик за реформи, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски. 

Тој додаде дека ова ќе претставува основа за клучните реформски процеси на Владата кои дополнително ќе го интензивираат нашиот дијалог со ЕУ.

- Со овој процес Европската комисија дава вистинска насока за реформите и ги поттикнува земјите на Западен Балкан интензивно да работат на економскиот раст и конкурентноста. Затоа сакам да им упатам благодарност, бидејќи ако не постојат насоките на ЕУ за реформи, владите од Западниот Балкан многу често преземаат активности што не се во интерес на мнозинството граѓани, туку на мали елити. Затоа, препорачувам уште посилен фокус на социјалната кохезија во рамки на процесот на реформи, истакна Тевдовски.

Според него, имајќи предвид дека Македонија поминува четврти пат низ овој процес, потребно е да се имплементираат научените лекции од минатите години, да се подобри онаму каде што сме биле послаби, а уште повеќе да се зајакнат добрите страни. - Денес Македонија се наоѓа на бран промени и неопходни се реформи за земјава да се придвижи напред, рече Тевдовски.

Вилем Ное од Директоратот за соседска политика и преговори за проширување на ЕК порача дека во новата програма фокусот треба да се стави на регулаторната реформа и функционирањето на пазарот, а помало внимание да се стави на јавните инфраструктурни инвестиции што заземаа значаен дел од минатогодишната програма.

Според него, со менувањето на владата не треба нешто да се менува, туку треба да се утврдат главните пречки и ограничувања, како и да се утврди на кои главни проблеми ќе им се даде приоритет. Истакна дека во четвртиот циклус вниманието треба да се насочи од мониторинг и набљудување на она до каде што се исполнети мерките.

- Најважно е да се спроведат реформите и клучнo e оваа година  да се фокусирате на нивна реализација, порача Маржена Кисиелевска, раководител на одделот за Југоисточна Европа во ОЕЦД. Според неа, успехот на економската програма не се мери колку совршени документи ќе се обезбедат, туку како ќе се спроведе истата.

Идејата е, како што посочи, со помош на реформите земјата да стане поконкурентна, не само во теоретска смисла, и да се утврдат критериумите за привлекување инвестиции што носат промени и додадена вредност.

Во процесот на привлекување инвестиции и нивно задржување, порача, важна е доследноста на политиките и целокупниот пристап на Владата и посредувањето.