Обраќање на министерот Тевдовски по повод ребалансот на Буџетот за 2017 година

1 aвгуст 2017, СкопјеМинистерот за финансии, Драган Тевдовски се обрати во Собранието на РМ по повод ребалансот на Буџетот за 2017 година.

Почитуван Претседател на Собранието, господин Талат Џафери, почитувани пратеници, ви благодарам за достоинствената дебата за време на Комисијата за финансирање и буџет.  
Моето излагање ќе се состои од пет дела. Прво, ќе ја претставам основната цел на ребалансот, односно зошто тој е потребен и што треба да се постигне со него. Потоа, ќе се осврнам на макроекономските движења и проекции кои претставуваат важен инпут за ребалансот.

Во третиот дел, ќе дадам приказ за остварувањето на буџетските проекции во првата половина на годинава, бидејќи тоа е важна информација за прилагодувањата што треба да се направат со ребалансот. Четвртиот дел ќе биде посветен на поважните предлози за измени и дополнувања на Буџетот. И на крајот. ќе зборувам за потребата за финансирање на буџетскиот дефицит и долгот.

Основна цел

Ребалансот претставува прва можност новата Влада да започне да ги вградува своите верувања и вредности во Буџетот. Основнa цел на овој ребаланс e да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за мерки што ќе значат зајакнување на социјалната кохезија помеѓу граѓаните и поддршка на домашните претпријатија.

Ребалансот не е нов Буџет, туку прилагодување на тековниот Буџет.  Со оглед на природата на ребалансот, односно на тоа што се прави во текот на годината, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања.

Прво ограничување се доспеаните а неплатени обврски од минатото.  Со цел јасно согледување на состојбата, Министерството за финансии побара од буџетските корисници, фондовите, јавните претпријатија и општините податоци за неплатените обврски на државните институции, со пресечен датум 31.5.2017 година. Врз основа на доставените податоци од самите институции, вкупните неплатени обврски на крајот на мај изнесуваат 22,4 милијарди денари, односно 364,7 милиони евра. Притоа, обврските на буџетските корисници и фондовите, заедно со локалните установи, финансирани преку блок дотации, изнесуваат 6 милијарди денари. Обврските се најголеми во финансирањето на дејностите од областа на културата, дури 2,4 милијарди денари, кои се должат пред сѐ на неплатените обврски за Концертната сала на Филхармонијата која, како што се сеќавате, беше помпезно отворена, Драмскиот театар, објектот Мајка Тереза и театарот во Велес. Сериозно високи се и обврските на локалните образовни установи, министерствата за здравство, внатрешни работи и образование. А, загрижувачки е што најголем дел од доспеаните, а неплатени обврски во образованието се по основ на комунални услуги за студентски домови и образовни установи.

Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, кои ако се раскинат државата ќе треба да плаќа пенали.

Затоа, единствена здрава опција за ребалансот беше брзо намалување на непродуктивните трошења што се во рацете на носителите на власта, како што се службени патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање. Исто така, стандардно како и при секој ребаланс, правиме реално согледување на патеката на остварените расходи и, врз основа на тоа, нивно прилагодување за втората половина на годината, притоа водејќи се од веројатноста за нивно остварување.

Кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање нови мерки што значат поддршка за граѓаните или домашните фирми. Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично. Со други зборови, тоа е делот од програмата на новата влада што може да се реализира на краток рок. Останатите мерки што се планирани и граѓаните и фирмите ги очекуваат се дел од подлабоки и системски промени, и оттаму ќе бидат вклучени почнувајќи од Буџетот за 2018 година, на кој како Министерство веќе работиме. 

Најдобар и најбрз одраз на определбата на Министерството за финансии и на Владата за редовно сервисирање на обврските и раздолжување кон стопанството претставува повратот на ДДВ. Со почетокот на нашиот мандат, тој не беше закочуван и беше неселективно и редовно исплатен од трезорот, што вбризгува ликвидност во фирмите. На пример, повратот на ДДВ што беше вратен на фирмите во јуни и јули изнесува 3,9 милијарди денари. За споредба, исплатениот поврат на ДДВ во истите месеци во 2016 година изнесува само 2,3 милијарди денари, односно плаќањата по овој основ во минатите 2 месеца забележаа раст од околу 70%.

Сепак, нашата цел не е само привремено да се справиме со овој проблем, туку да постигнеме одржливо справување со проблемот на кумулирање обврски на јавните институции. Оттаму, покрај тоа што ќе продолжиме со редовен и брз поврат на ДДВ, Министерството за финансии се подготвува за надоградба на софтверот со цел неплатените обврски да бидат систематски евидентирани, односно, да може да се гледаат во реално време. Со други зборови, државата не може да се справи со долговите ако во секој момент нема јасна евиденција колку и кому должи. Дополнително, Министерството за финансии работи со Светска банка на анализа за тоа како да се справиме со стекнатите обврски и развивање  механизми за нивно спречување во иднина. На среден рок, овие напори ќе имаат два клучни позитивни ефекта: ефикасно и навремено управување со долгот на државата и поддршка на стопанството преку навремено плаќање на обврските.

 

Макроекономски движења и проекции

Економскиот раст изнесуваше 0% во првиот квартал на 2017 година, при позитивен придонес од домашната потрошувачка и негативен придонес од нето-извозот. Во рамки на домашните компоненти на раст, продолжија позитивните остварувања на приватната потрошувачка, додека растот на инвестициите беше релативно низок. Главни причини за ова се: воздржaноста на приватниот сектор од инвестиции заради политичката криза и недоволната реализација на капиталните инвестиции од страна на државата.

Градежништвото, кое во изминатите години претставуваше главен двигател на економскиот раст, во првиот квартал на 2017 година забележа пад од 6,3% на реална основа. Пад е забележан и во услужниот сектор од 0,5%, додека ниски стапки на раст се остварени во земјоделството и во индустријата.

Врз основа на случувањата во првиот квартал, Министерството за финансии ја ревидираше проекцијата за економскиот раст во 2017 година.  Ребалансот на Буџетот се темели на проекција на раст на реалниот БДП од 2,2% во 2017 година. Ова е најконзервативна проекција за економскиот раст на земјава од сите релевантни домашни и меѓународни институции. Според последните достапни проекции за 2017 година, Народна банка предвидува раст од 2,5%, Светска банка од 2,8%, а Европската комисија од 2,9%. Понатаму, ја задржуваме оценката за просечна стапка на инфлација од 1%, односно дефлатор на БДП од 1,4%. Со ова ја покажуваме намерата на Министерството за финансии да се прекине праксата на преоптимистички макроекономски проекции како основа за повисоки планирани приходи и расходи. Напротив, нашата цел е да се има реална и остварлива макроекономска проекција, која ќе биде најдобра основа за проекција на приходите и расходите. А, ако во 2017 година се оствари економски раст повисок од проектираниот, тоа ќе значи повисоки приходи и понизок буџетски дефицит.

Постојат позитивни сигнали за тоа во домашната економија: имаме раст на приходите од ДДВ од плаќања во земјата; подобрување кај индикаторот на Европската комисија за економскиот сентимент, особено во делот на домаќинствата; раст и тоа со забрзани стапки на штедење и на кредитирање во последните неколку месеци како и раст на индустриското производство во мај и јуни. Понатаму, економската активност на ЕУ започна да закрепнува, при понатамошни позитивни очекувања за наредниот период, што се одразува во најновите проекции на Меѓународниот монетарен фонд. Ова е важно бидејќи ЕУ е најзначајна дестинација за пласман на македонските производи, како и најзначаен извор на странски инвестиции во Македонија.

 

 

Остварување на Буџетот на РМ во првата половина на 2017 година

Во периодот јануари - јуни 2017 година, вкупните приходи се реализирани во износ од 86,4 милијарди денари што претставува 46% во однос на планираните за 2017 година. Даночните приходи во првите шест месеци се остварија на ниво од 51,3 милијарди денари, односно истите бележат реализација од 47% во однос на планот за цела година. Во структурата на наплатените даночни приходи доминираат приходите по основ на данокот на додадена вредност со учество од 45,6% или 23,4 милијарди денари. Приходите од социјални придонеси се остварија во износ од 25,5 милијарди денари, што претставува 49% во однос на годишно планираниот износ.

Вкупните расходи на Буџетот на Република Македонија во периодот јануари - јуни 2017 година се реализираа во износ од 94,6 милијарди денари, при што тековните расходи изнесуваа 86 милијарди денари. Капиталните расходи сериозно потфрлија во првата половина на годинава. Тие се реализираа во износ од 8,7 милијарди денари или само 32% во однос на годишно планираниот буџет.

 

Измени и дополнувања на Буџетот на РМ за 2017 година

Дозволете да Ви ги претставам поважните измени и дополнувања на Буџетот на РМ за 2017 година.

            Вкупните приходи на Буџетот се ревидирани за 1,5% надолу, односно за 2,87 милијарди денари помалку. Ова ревидирање на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на намалување на приходите на основниот буџет согласно реализацијата во изминатите шест месеци и очекувањата до крајот на годината. Едновремено е направено и ревидирање на приходите што ги остваруваат буџетските корисници на сопствените сметки, а по основ на донаторските средства што се однесуваат за реализација на ИПА проекти е предвидено зголемување. Согласно остварувањето, до крајот на годината се очекува социјалните придонеси да остварат благ пораст во однос на иницијално буџетираните.

            На расходната страна на Буџетот, сериозно намалување е направено на расходите наменети за стоки и услуги, кои се скратени за околу 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот. Од оваа ставка се направени кратења на сите непродуктивни трошоци на Владата и на институциите наменети за патувања,  репрезентации, економски промоции и рекламирања. На пример, патните трошоци се намалени за 122 милиони денари, а другите тековни расходи за 257 милиони денари. И најважното - договорните услуги се намалени дури за 902 милиона денари, ако се гледаат без здравствените услуги преку Фондот за здравство.

            Најдобар пример за одземањето на комодитетот на носителите на власта е направен со расходите на Владата на Република Македонија. Стоките и услугите на оваа институција се намалуваат од иницијално проектираните 792 милиона денари на 266 милиони денари. Тоа се средства што беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански организации. Сметаме дека ова е најдобар доказ за цврстата определба на новата Влада за домаќинско работење со народните пари.

            Со ребалансот, капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари, поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината. Сепак, планираното ниво на капитални расходи со ребалансот е значајно, ако се спореди со реализацијата во последните четири години, која никогаш не надминала 19 милијарди денари, наспроти редовните преоптимистички планови со иницијалните буџети. Со други зборови, капиталните расходи во ребалансот сега се проценети на реална основа, а предвидената сума ја одразува нашата определба тие да бидат повисоки отколку актуелните остварувањата во претходните години.

Со ребалансот се додаваат дополнителни средства во износ од 1,2 милијарди денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, како и дополнителни 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението. Исто така, за зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните се алоцирани дополнителни 600 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување.

Ребалансот обезбедува и средства за нови мерки и активности на Владата кои се во насока на директна поддршка на работниците и граѓаните за подобрување на нивниот животен стандард, како и поддршка на домашните претпријатија. Поточно, тие претставуваат операционализација на програмата на новата Влада за подобрување на животниот стандард и поддршка на економскиот раст.

  1. Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата, со цел од септември таа да се покачи на 12.000 денари. Со оваа мерка се предвидува поддршка за работодавачите во износ од околу 70% од потребниот пораст на бруто-платата. За да доловам зошто е важна оваа мерка, ќе ги употребам зборовите на Черчил во Британскиот парламент во 1906 година: „Национално зло е некоја класа на нејзиното Височество да добива помалку од плата за живеачка... таму каде што нема организација, нема еднаквост во договарањето, таму каде што добриот работодавач е надминат од лошиот... кога овие услови преовладуваат тогаш немате состојба на прогрес, туку прогресивна дегенерација“.
  2. За активните политики и мерки за поддршка на вработувањето во приватниот сектор, со ребалансот се дополнително алоцирани 112 милиони денари и тие ќе изнесуваат 667 милиони денари. За споредба, нивната реализација во 2016 година изнесува 366 милиони денари, а во 2015 година 376 милиони денари.
  3. Поддршка на малите и средни претпријатија и поддршка на домашни Гринфилд инвестиции од околу 135 милиони денари до крајот на годинава.
  4. Поддршка на домашниот туризам преку субвенционирање на работниците со ниски приходи во износ од 60 милиони денари.
  5. Решавање на материјалното обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатија со доминантна државна сопственост, односно стечајните работници од овие претпријатија кои досега не биле опфатени со постојните законски решенија.
  6. Субвенционирање на Македонската радио телевизија со укинување на радиодифузната такса и ослободување на граѓаните од оваа јавна давачка.
  7. Поддршка за ИПА проекти во износ од 500 милиони денари за буџетско учество и повлекување донации со цел да се обезбеди интензивирање на активностите поддржани од ЕУ во претпристапниот период, како и поголема искористеност на европските фондови.

 

Финансирање на буџетскиот дефицит и отплата на долговите

Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари. Во релативен износ тоа е 2,9% од БДП.  Дефицитот е на горната граница на Мастришкиот критериум за да обезбеди извлекување на економијата од стагнација. Иако во износ е многу сличен на оној во оригиналниот Буџет, за разлика од претходно тој нема да служи за финансирање на непродуктивните расходи на Владата и на институциите. Напротив, со дисциплинирана фискална политика ќе ги поддржиме економскиот раст и подобриот животен стандард на граѓаните.

 Отплатата на долгот изнесува 18,3 милијарди денари во 2017 година. За споредба, отплатата на долгот изнесувала само 7 милијарди денари во 2008 година. Ова е веројатно најилустративен показател за ефектите на континуираното минато задолжување врз сегашниот и идните буџети, односно покажува дека е потребно сериозно менаџирање на зголеменото задолжување од претходните години, како и одговорно управување со јавните финансии за да не им оставиме вакви проблеми во наследство на следните генерации.

Потребата за финансирање на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот  изнесува 36,9 милијарди денари.  Таа ќе се обезбеди преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање одделни проекти како и од депозитот пренесен од минатата година.

Дозволете да Ве информирам дека во јуни и јули 2017 година државата на домашниот пазар на хартии од вредност се задолжи во износ од 4,37 милијарди денари со просечна пондерирана каматна стапка од 2,7%, a во истиот период по основ на достасани државни хартии од вредност врати 2,5 милијарди денари со просечна пондерирана каматна стапка од 3,9%. Исто така, во овој период, по основ на надворешно задолжување вратени се средства во износ од 81,9 милиони евра, со просечна пондерирана каматна стапка од 6,05%. Овие движења, односно пониските трошоци за задолжување при поповолна рочна структура, се веројатно најкредибилниот квантитативен показател за кредибилитетот на новата Влада.

Во рамки на Буџетот е предвидена и можност за странско задолжување. Но, дали и кога тоа ќе се реализира ќе зависи од движењето на каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал и можноста на домашниот пазар на хартии од вредност целосно да одговори на потребите за финансирање. Секако, Министерството за финансии постојано врши анализа на идните извори на финансирање, притоа водејќи се од императивот за непрекинато извршување на активностите на државните институции, како и за задолжување со најниски трошоци и најповолни услови. Притоа, во линија со нашата политика за транспарентност на податоците за парите на граѓаните, за сите идни движења на задолжувањето Вие како Собрание, како и јавноста, ќе бидете благовремено известени.

Одлични сигнали се јавуваат на меѓународниот пазар на капитал од крајот на мај, каде што инвеститорите позитивно ја перципираат стабилизацијата на политичката состојба во Македонија и перспективите за македонската економија. Со други зборови, можните идни задолжувања за сервисирање на претходно преземените обврски како и за финансирање на дефицитот би требало да бидат со пониски трошоци, кои ќе ја одразуваат политичката стабилизација и економскиот кредибилитет на новата Влада.

Дел од средствата од домашното и можното странското задолжување ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2017 година, а останатиот дел ќе биде префрлен како депозит за наредната 2018 година. Притоа, дел од средствата од депозитот веројатно ќе бидат искористени за отплата на првата рата од кредитот за буџетско финансирање во износ од 95 милиони евра, склучен во 2013 година, која доспева на 29 јануари 2018 година.

 

Ви благодарам за вниманието и Ви посакувам конструктивна дебата.