Обраќање на министерот за финансии Драган Тевдовски за Програмата за реформи на управување со јавни финансии

19 септември 2017, Скопје - Денеска во Министерството за финансии е организирана јавна дебата за Програмата за реформи и за управување со јавни финансии 2018-2021 на која учествуваа преставници на меѓународните финансиски институции, невладините организации и експертската јавност. Во продолжение е воведниот говор на министерот за финансии Драган Тевдовски:

Почитувани Амбасадор Жбогар, г-н Кулен, г-ѓа Боричка,

Почитувани претставници од државните институции, невладиниот сектор и експертската јавност,

Драги гости,

Чест ми е и задоволство да Ве поздравам. За Министерството за финансии ова е особено важен настан. Денес правиме јавна јавна консултација за нацрт Програмата за реформи на управување со јавни финансии 2018-2021 година.

Подобрувањето на управувањето со јавните финансии претставува еден од најзначајните приоритети на Владата на Република Македонија и воедно е услов за пристапување на земјата во Европската унија.

За жал, досега во Република Македонија не постоеше единствена и конзистентна стратегија во областа на управување со јавни финансии. А, истотака немаше ниту политичка волја да се донесе ваква стратегија.

Стартегијата е особено важна од три причини.

  1. Содржи акционен план за реформи на сите поважни чинители на системот на јавни финансии.
  2. Стратегијата не тера да гледаме подалеку. Ова е различно од досегашната праакса на правење само на ad hoc промени во системот. Резултатите ќе дојдат само ако ја гледаме целината и имаме план за период од повеќе години.
  3. Системот на јавните финансии го насочува и приближува до стандардите на ЕУ.

Документот е подготвен врз основа на интензивна соработка на релевантните национални институции (МФ, УЈП, Царина, Државен завод за ревизија и други), со поддршка од Делегацијата на ЕУ и експертска помош од СИГМА. Важни сугестии во процесоот добивавме и од невладиниот сектор и експертската јавност.

Затоа би сакал да се заблагодарам на сите вработени во институциите кои беа вклучени во изготвувањето на стратегијата. Без нивната енергија и посветеност немаше да ја имаме денес стратегијата. Исто така, сакам да упатам голема благодарност и до претставниците на ЕУ и СИГМА. Нивната поддршка и насоки за реформи беа клучни за дизајнирањето на промените на системот на јавни финансии. Посебна благодарност упатувам и до луѓето од Делегацијата на ЕУ, со која Министерството за финансии е во постојан контакт и ни се драгоцена поддршка. Секако, за нас е многу важен и придонесот и на граѓанскиот сектор и експертската јавност.

Стратегијата има седум приоритети. Тие се однесуваат на сите поважни елементи на системот на јавни финансии. Во стратегијата се предвидува подобрување на среднорочното буџетско планирање, фискални правила, фискален совет, воведување на интегриран информатички систем, подобрување на услугите на УЈП и Царина, измени во системот за јавни набавки и зајакнување на системот за внатрешна и надворешна контрола. Детално приоритетите и мерките ќе бидат презентирани од страна на одговорните претставници на институциите.  

Имајќи го предвид значењето на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 и потребата за квалитетна подготовка на истата, цениме дека од особена важност е да се оствари консултацијата со засегнатите страни: донаторите, стопанските комори, Универзитетите, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и останатите чинители кои имаат активен придонес во процесот на подготовка на документот.

Во таа насока, би сакал да изразам благодарност кон сите присутни на овој настан.  Очекувам плодна дискусија по однос на реформските приоритети, што ќе придонесе кон постигнување на нашата заедничка цел, а тоа е поквалитетна изработка на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021.

Благодарам.