Тевдовски: Наплатата на даноците се зголемува, повратот на ДДВ оди брзо (ВИДЕО)

 
00:00

28 ноември 2017, Скопје - Последните неколку месеци се врши сериозен поврат на ДДВ кон фирмите, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски и посочи  дека има значително подобрување и на наплатата на даноците последните неколку месеци.

- Од јанаури досега, наплатата на даноците е некаде 4,7 проценти повисока од истиот период минатата година, што се должи, пред сѐ, на последните неколку месеци. Тоа е добро, бидејќи имаме сериозно зголемување на наплатата и од аспект на Министерство за финансии. Тоа значи дека се случува подобрување на економската активност, изјави министерот.

Како што истакна министерот Тевдовски, многу е забрзан процесот на поврат на ДДВ и со тоа се внесува повеќе ликвидност на фирмите, фирмите повеќе работат, а тоа пак влијае и на подобрената наплата на даноците.

Денеска министерот за финансии присуствуваше на настан за промовирање  проекти на ЕУ за подобрување на услугите на УЈП.

- Управата за јавни приходи е важна алка во општеството бидејќи преку средствата што се собираат преку даноците се финансираат здравството, образованието, изградбата на инфраструктурата, односно сите јавни добра. Тие средства се од граѓаните - за граѓаните. Затоа е битно да се обезбеди висок квалитет на услугите и да се поедностават даночните постапки, што ќе придонесе кон праведно и ефикасно собирање на даноците и на другите јавни давачки - посочи Теводвски.

Целото обраќање на министерот за финансии Тевдовски погледнете го во видеото.