Обраќање на министерот Тевдовски по повод 25 години македонско - германска соработка

6 декември 2017, Скопје - Вечерва, во МОБ, министерот за финансии, Драган Тевдовски заедно со неговата екселенција, амбасадор на Сојузна Република Македонија, Томас Герберих, германските партнери, институции и фондации застапени во Македонија и претставници на Владата, го прослави јубилејот „25 години германско-македонска соработка“, во организација на германската амбасада во Скопје. Во прoдолжение е обраќањето на министерот:

Ваша екселенцијо, амбасадор на Сојузна Република Германија, г – дин, Томас Герберих

Ваши екселенции,

Претставници на Владата на Република Македонија,

Дами и господа,

Драги гости,

 

Ми претставува особена чест и задоволство да Ве поздравам на овој убав настан, на кој се одбележуваат 25 години од соработката помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија.  

Ја користам оваа можност најнапред да се заблагодарам на Владата на Сојузна Република Германија за постојаната поддршка на Македонија.

Уверени сме дека соработката со Германија, која е главниот економски мотор на ЕУ, ќе придонесе и за побрза интеграција на Македонија во ЕУ.

 

Сојузна Република Германија, е еден од најголемите донатори на нашата земја. Благодарение на бројните средства доделени во вид на заеми и донации од Сојузна Република Германија, реализирани се значаен број на проекти со што направен е голем чекор за понатамошниот развој на македонската економија на патот кон Европската Унија и НАТО.

 

Во името на Министерството за финансии, би сакал да искажам голема благодарност за досегашната успешната соработка со Кредитната банка за обнова (KfW) и Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) преку кои германското министерство за економска соработка и развој (BMZ) ги спроведува развојната финансиска и техничка соработка со Република Македонија. Германската страна секогаш со силен мотив и предизвик несебично се вложува во спроведувањето на активностите кои се дел од проектите кои се реализираат во рамки на германско – македонската соработка.

 

Средствата кои германската страна ги доделува во рамки на развојната финансиската соработка на Република Македонија се обезбедуваат под исклучително поволни услови. Овие средства Владата на Република Македонија ги користи за реализација на бројни проекти кои придонесуваат кон обезбедување на безбедни и високо квалитетни комунални услуги,  водоснабдување, отпадни води и цврст отпад, заштита на природата и животната средина, енергетска ефикасност и обновливи енергии и промовирање на нови работни места преку развој на приватниот сектор.

 

Имено, со реализација на проектот Водовод и канализација се обезбеди одржливо водоснабдување за околу 400.000 жители од 8 општини во Република Македонија (Битола, Гостивар, Гевгелија, Кавадраци, Неготино, Радовиш, Кочани и Тетово). Истовремено, кај дел од овие општини зголемена е наплатата, а намалени се загубите на вода во системите за водоснабдување.

 

Со поддршка на германската влада успешно реализиран е проектот за рехабилитација на 6 хидроелектрични централи Глобочица, Тиквеш, Вруток, Равен, Врбен и Шпиље, со што зголемена е инсталираната моќност на 18,1 MW и годишното производство е зголемено на 50 GWh. Воедно, намалени се трошоците за ремонт и тековно одржување и продолжен е животниот век на хидроелектраните.

 

Со имплементацијата на првата фаза од Ветерниот парк – Богданци, поставени се 16 турбини, со вкупна инсталирана моќ од 36,8 MW и годишно производство од околу 100 GWh природно одржлива енергија. Би сакал да истакнам дека ова е еден од најуспешните проекти реализирани во рамки на билатералната соработка, како и еден од првите проекти во регионот од областа на чиста енергија.

 

Во делот на изградба на системи за наводнување, сакам да посочам дека во рамки на нашата соработка успешно е реализирана првата фаза од Проектот за наводнување на јужната долина реката Вардар, со што обновена и модернизирана е инфраструктурата за наводнување на приближно 2.500 хектари обработливо земјиште со воспоставување на 4 ефикасни системи за наводнување во населените места Негорци, Паљурци, Удово и Миравци. 

 

Благодарение на силната заложба на германската и македонската страна во реализацијата на проектите од развојната техничка соработка, во изминатиот период е направен голем чекор во усогласувањето на законодавството во областа на финансиските услуги со ЕУ стандардите, истовремено промовирајќи регионален и општински економски развој, како и поддршка на политиките насочени кон рамномерен регионален развој во Република Македонија.

 

Дополнително, би сакал да истакнам дека Владата на Сојузна Република Германија даде значајна поддршка на македонската Влада и во реализацијата на twinning проекти од областа на оданочувањето, јавните набавки, подобрување на земјоделството и слично.

 

Почитувани,

 

Денес славиме 25 години од соработката. Мојата желба е на прославата на 30 годишнината од нашето пријателство, да можеме да кажеме дека:

 

Вардар го победи Баер Минхен во Алијанц Арената.

 

Германските доктори почнаа да бараат работа во Македонија.

 

Но тоа е можеби пребрзо :). Ајде сепак, по 5 години да можеме да кажеме:

 

  1. Македонија успешно го има применето германските модел за професионално образование;

 

  1. Во Македонија покрај постојните како Дојче Телеком, Кромберт и Шуберт и Дрекселмаер, инвестирале, успешно работат и пренесуваат know-how уште бројни други силни германски брендови;

 

  1. Во Македонија е направен крупен исчекор кон германските принципи на чесност и ефикасност во работењето.

 

На крајот би сакал уште еднаш да искажам благодарност и убедување дека Сојузна Република Германија ќе продолжи да дејствува во насока на поддршка на напорите на Република Македонија за наше интегрирање во заедницата на современи европски држави.

 

Ви благодарам.