Агенцијата „Фич“ го подобри изгледот на Македонија во позитивен, со потврда на кредитниот рејтинг ББ

3 февруари 2018, Скопје (МИА) - Aгенцијата „Фич“ соопшти дека го подобри изгледот на Македонија од негативен во позитивен, истовремено потврдувајќи го кредитниот рејтинг ББ.

На подобрувањето на изгледот влијаеше политичката стабилизација и подобрувањето на клучните меѓународни односи, а особено се нотирани напредокот на владиниот„План 3-6-9“, резултатот на локалните избори како потврда на мандатот за реформи, како и активноста на СЈО околу прислушуваните разговори. Понатаму, „Фич“ наведува дека дипломатските сигнали околу решавањето на спорот со името се позитивни, и дека Македонија очекува позитивна препорака од Европската комисија и почеток на преговорите во текот на 2018 година.

Ревизијата на изгледот во позитивен, исто така, ги одразува оценките дека буџетскиот дефицит во 2017 годинаизнесува 2,7% од БДП, наспроти предвидениот дефицит со ребалансот од 2,9%. Притоа, се истакнува зајакнатата доверба во посветеноста на Владата на фискалните таргети, како и плановите за постепено намалување на дефицитот на 2% на среден рок. Според оценките на „Фич“, во 2017 година државниот долг изнесува 39,2% од БДП а јавниот долг изнесува 47,4% од БДП, што претставува прво годишно намалување на јавниот долг, после континуираниот 9-годишен раст од 23% од БДП во 2008 година.

На потврдата на рејтингот ББ влијаеја оддржувањето ниска инфлација и финансиска стабилност, поддржани од кредибилната и кохерентна макроекономска и финансиска политика, конзистентна со долготрајниот фиксен девизен курс. „Фич“ оценува дека растот на БДП во 2017 година изнесува 0,5%, при висок раст во последниот квартал на годината како одраз на закрепнувањето на индустриското производство, извозот и кредитирањето. Понатаму, се очекува дека растот на БДП ќе забрза на 3,1% во 2018 и 3,3% во 2019 година, како резултат на позитивните ефекти на политичката ситуација врз економските очекувања и економската активност.

„Фич“ наведува дека врз подобрување на рејтингот може да влијаат подобрувањето на стандардите на владеењето и понатамошното намалување на политичката неизвесност, како и имплементацијата на кредибилна среднорочна фискална консолидација, конзистентна со стабилизација на учеството на јавниот долг во БДП. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијаат повторувањето на политичката нестабилност, фискалната недисциплина или потенцијалните обврски, како и проширувањето на дефицитот на тековната сметка.