Свечен прием во Владата на Република Македонија

На 12 ноември беше организиран прием во Владата на Република Македонија по повод претседателствувањето на Вицепремиерот за економски прашања со годишните собранија на ММФ и Светска банка. Поканети беа видни личности меѓу кои членовите на Владата на Република Македонија, претставници на политичките партии во Македонија, истакнати бизнисмени, менаџери и банкари, како и претставници на дипломатскиот кор, меѓународните финансиски институции и странските донатори во Македонија.

Свечено обраќање имаа постојаниот претставник на Светската банка во Македонија Маркус Репник и Берт ван Селм постојаниот претставник на ММФ во Македонија, по што свое обраќање имаше ЗПВРМ Зоран Ставрески. Вицепремиерот во своето обраќање истакна дека неговото назначување е големо лично признание и привилегија, но и чест за Македонија и за земјите во целиот регион. Ова е потврда за економските политики што ги води Владата на Република Македонија, како и за одличната соработка со ММФ и Светската банка.

- Ќе добијам можност да ги промовирам интересите на Македонија и на регионот, да влијаам онолку колку може на одредени политики на ММФ и Светска банка и преку лични контакти да лобирам и политички и економски за успешна евроатланска интеграција на Македонија. Високиот профил што ќе го има Македонија на Собранието во 2008 година, каде што присуствуваат преку пет илјади инвеститори, банкари и луѓе од приватниот сектор, овозможува да се слушне за Македонија и нашата земја на некој начин да излезе на површината, да се издвои од другите земји и да биде видена во едно поубаво свет, истакна на крајот на своето обраќање Вицепремиерот Ставрески.

Настанот можеше да го следи македонска јавност преку директен пренос на Македонската радио телевизија.

 

слики од настанот