Почитувани граѓани,
Државните хартии од вредност (ДХВ) се безризични хартии од вредност кои во име на Владата на РМ ги издава Министерството за финансии на РМ.
ДХВ се продаваат преку аукции кои се организирани преку Агентот на Министерството за Финансии, а тоа е Народната Банка на Република Македонија. На аукциите директно можат да учествуваат само овластените директни учесници (сите банки во РМ), а останатите заинтересирани резиденти и нерезиденти можат да учествуваат индиректно, односно, преку банките. Листата на банките е достапна во делот Регулатива, кај провизиите за купување на државни записи и државни обврзници.
Номиналната вредност на една ДХВ е 10.000,00 денари, а каматната стапка се одредува пазарно, во зависност од понудата и побарувачката. Државните записи се издаваат и исплатуваат по номинална вредност, а се уплатуваат по дисконтирана вредност. Државните обврзници се издаваат, исплатуваат и уплатуваат по номинална вредност, а на нив се плаќа купонска камата.
ИСТОРИЈАТ – Првата емисија на ДХВ е извршена во 2004 година со емисија на 3 месечни државни записи. Поради промотивната кампања и големиот интерес на инвеститорите за овој безризичен инструмент во истата година се изврши промоција и на 6 месечни државни записи. Како резултат на овој тренд во 2005 година беше промоворан и 12 месечен државен запис и на првата 2 годишна државна обврзница.
По овој краток, но експанзивен развој, Министерството за финансии веќе воспостави пракса во рамките на еден месец да има 2 редовни аукции на 3 месечни државни записи и 1 редовна аукција на 6 месечни државни записи. Останати инструменти, исто така, се присутни на редовна основа, но нивното темпо попрецизно се дефинира во КАЛЕНДАРОТ.
ПОРТФОЛИОТО на домашниот јавен долг досега го сочинуваат државните записи од 3 месеци, 6 месеци и 12 месеци и државните обврзници со рок на достасување од 2 години и 3 години.
За подетални информации, ве молиме обратете се на следниве телефони: 3106-381, 3106-774, 3106-293 и 3106-171.