Усогласување со законодавството на ЕУ

Клучни документи на Европската Унија (ЕУ) во процесот на пристапување на Република Македонија кон ЕУ се Партнерството за пристапување (ПП) и Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), со кои се одредуваат основните политички и економски критериуми кои нашата земја треба да ги исполни во процесот на пристапување кон ЕУ.

Националната програма за усогласување со правото на ЕУ (National Programme for Adoption of the Acquis Communautaire, односно НПАА) е националната рамка или план за исполнување на условите, односно критериумите за членство (Копенхагенски критериуми) на Република Македонија во ЕУ.

Програмата има формат на среднорочен план на активности потребни за исполнување на критериумите за членство на Република Македонија.

НПАА се состои од наративен дел и анекси табеларен приказ и истата презентира јасна слика за реформите и активностите за усогласување на ЕУ законодавството, кои ќе се преземат во наредните години, за градење и јакнење на административните структури потребни за имплементација на законодавството, како и потребните буџетски ресурси.

Програмата е клучен инструмент за водење на процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ и претставува основа за следење на напредокот на Република Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ.

Содржината на Програмата ја следи структурата на Копенхагенските критериуми за членство во ЕУ, односно ги опфаќа следните делови:

1. Политички критериуми;

2. Економски критериуми;

3. Способност да се преземат обврските кои произлегуваат од членството;

4. Административен капацитет;

5. Изготвување на Национална верзија на acquis communautaire;

6. Комуникација со јавноста за процесот на европска интеграција;

7. Анекси.

 За секое поглавје од НПАА е формирана посебна работна група, која е задолжена за подготовка на мерките и активностите за усoгласување со законодавството на ЕУ, предвидени во рамки на конкретното поглавје. Министерство за финансии се јавува како носител на следниве поглавја од НПАА:

3.04. Слободно движење на капитал

3.05. Јавни набавки

3.09. Финансиски услуги

3.16. Даноци

3.17. Економска и монетарна унија

3.22. Регионална политика и координација на структурни инструменти

3.29. Царинска Унија

3.32. Финансиска контрола

3.33. Финансиски и буџетски одредби

Во рамки на Министерството за финансии, Сектор за меѓународни финансиски односи и управување со јавен долг функционира Одделението за ИПА и НПАА, кое ги извршува следните работни задачи поврзани со усогласувањето со ЕУ:

  • ја следи и координира реализацијата на мерките и активностите од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА), кои се во надлежност на Министерството за финансии;
  • ја следи и координира реализацијата на другите активности за приближување кон структурите и стандардите на ЕУ;
  • дава мислење за материјалите поврзани со процесот на европска интеграција;
  • ги следи и координира активностите поврзани со подготовката на документите поврзани со процесот на европска интеграција;
  • редовно доставува извештаи и информации за статусот на реализација на мерките и активностите од НПАА и другите ЕУ стратешки документи;
  • обезбедува поддршка на преговорите за пристапување кон ЕУ;
  • подготвува и дистрибуира информации и извештаи;
  • соработка со други органи на државната управа во делот на НПАА и процесот на преговарање со ЕУ.