Инструмент за претпристапна помош

Вовед за ИПА

Одделението за ИПА и НПАА при Министерството за финансии претставува дел од оперативната структура на системот за децентрализирано управување  (ДИС) со фондовите од првата компонента на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) - Помош во период на транзиција и институционална надградба (ТАИБ) за периодот 2007 - 2013, како и за фондовите од ИПА II за периодот 2014-2020. Одделението за ИПА и НПАА врши координација на сите активности за децентрализирано управување со проектите на Министерството за финансии, кои се финансираат со средства од ИПА ТАИБ. Поконкретно, oдделението врши координација на процесите на програмирање–планирање и подготовка на проектите на Министерството за финансии финансирани преку ИПА, техничка имплементација и следење на извршувањето на проектите, во согласност со правилата на ЕУ за децентрализирано управување со ИПА фондовите.

Проекти на Министерството за финансии финансирани од ИПА ТАИБ

ИПА ТАИБ 2009 година

Во рамки на Националната програма за ИПА компонента 1 -  ТАИБ за 2009 година, Министерството за финансии се јавува како корисник на следните проекти:

  • „Проект за јакнење на капацитетите на Министерството за финансии-Сектор за макроекономска политика, за макроекономска анализа и формулирање на политики, со цел унапредување на процесот на креирање на политики и исполнување на критериумите за пристапување кон ЕУ“. Со реализацијата на овој проект ќе се подобрат аналитичките капацитети на Министерството за финансии за дизајнирање на кохерентна макро-фискална рамка на среден и долг рок. Проектот започна да се спроведува во декември 2012 година, преку твининг договор склучен со твининг партнер - конзорциум од Финска и Холандија. Планираното времетраење на проектот е 24 месеци. Вкупниот износ на проектот е 902.500 Евра (исклучено ДДВ), од кои од 855.000 Евра се обезбедени преку ИПА, а 47.500 евра се национално кофинансирање.  Во врска со овој проект, се имплементираше и Проект за техничка помош за инсталирање и приспособување на апликација за макроекономски анализи,  во вкупен износ од 17.350 евра (без ДДВ) обезбедени преку ИПА.
  • Проект за техничка помош на Националниот координатор за авторизација/ Национален фонд за зајакнување на улогата на супервизија врз системите за управување и контрола на оперативните структури за сите компоненти на ИПА. Проектот започна да се спроведува во февруари 2014 година со рок на реализација до април 2015 година. Вкупниот износ на проектот е 250.187 евра (без ДДВ) обезбедени преку ИПА. 
  • Реализирана е набавка на канцелариски мебел и опрема за Министерството за финансии и СЕП, во вкупен износ од 16.931 евра (без ДДВ) обезбедени преку ИПА.

ИПА ТАИБ 2010 година  

Во рамки на Националната програма за ИПА компонента 1 -  ТАИБ за 2010 година, Министерството за финансии се јавува како корисник на следниот проект:

  • „Проект за натамошно усогласување со законодавството на ЕУ во областа на движење на капитал, плаќање и финансиски услуги-пазарот на хартии од вредност и инвестициони услуги“. Целта на овој проект е да се обезбеди подобро регулирање на операциите на сите учесници на пазарот на капитал, што воедно ќе придонесе кон поефикасно, правично и законито функционирање на пазарот на капитал, како и поуспешно вклучување на земјата во СЕПА. Во февруари 2015 година, проектот започна со имплементција преку договор за услуги со времетраење од 18 месеци. 

ИПА ТАИБ 2011 година

Во рамки на Националната програма за ИПА компонента 1 - ТАИБ за 2011 година, Министерството за финансии се јавува како корисник на два проекти кои ќе се реализираат како дел (компонента) од секторското фише „Реформи во јавната администрација и е-влада“:

  • “Проект за градење на капацитетите на секторот одговорен за подготовка на буџети на централно и локално ниво и јакнење на капацитетите за подготовка на среднорочна политика“. Истиот опфаќа активности за развивање на капацитетите за подготовка на повеќе годишен буџет (организирање на буџетскиот процес и подготовка на годишен буџетот и буџетски циркулар), како и дизајнирање на кохерентна среднорочна рамка на трошоци (Medium Term Expenditure Framework). Во декември 2015 година, проектот започна со имплементација преку твининг договор со времетраење од 24 месеци.
  • Проект за надградба на постојната апликација е-Буџет во согласност со нововоспоставениот повеќегодишен буџетски процес.

ИПА ТАИБ 2012-2013 година

Во рамки на Националната програма за ИПА компонента 1 - ТАИБ за 2012-2013  година, Министерството за финансии се јавува како корисник на следните проекти:

  • „Проект за јакнење на капацитетите за ефективно управување и ревизија со фондовите на ЕУ“. Проектот има за цел јакнење на капацитетите на НАО, НФ, ЦФЦД и Оперативните структури за ефективно управување со ЕУ фондовите, како и за управување со новиот инструмент кој ќе биде воспоставен со новата ЕУ Регулатива и Финансиската рамка за периодот 2014-2020. Проектот би се имплементирал преку еден твининг договор во времетрање од 24 месеци чии корисници се НАО, Национален фонд и ЦФСД и еден договор за набавка на опрема и возила за проверка на лице место за потребите на Национален фонд. Твининг договорот за проектот е во фаза на спроведување на тендерската постапка, додека за договорот за набавка во тек е подготовката на тендерската документација.
  • Проект за поддршка на Секторот за даночна и царинска политика при натамошна хармонизација со ЕУ законодавството во областа на даночното право. Проектот е дел од Секторското фише Развој на приватниот сектор и се планира да се имплементира преку договор за услуги. Проектот е во фаза на спроведување на тендерската постапка.
  • Проект за поддршка на Секторот за финансиски систем при понатамошно усогласување со ЕУ законодавството во областа на осигурувањето (Директива 2009/138/ЕК) и зголемување на операциите на пазарот. Проектот е дел од Секторското фише Развој на приватниот сектор и истиот започна со имплементација во март 2016 година преку твининг договор со времетраење од 18 месеци.