Секоја политичка автобиографија во последниве сто години почнува со објаснување зошто авторот се одлучил да влезе во политичкиот живот.

Секоја политичка автобиографија во последниве сто години почнува со објаснување зошто авторот се одлучил да влезе во политичкиот живот. Јас сеуште не сум прочитал ниедна таква книга досега во која авторот, независно дали припаѓа на политичката левица, десница или центар, не тврди дека почнал да се занимава со политика – "заради народот". Секако и политичарите, како и сите луѓе, имаат свои намери и мотиви. Немам намера да ја проценувам нивната искреност и интегритет, ниту пак мотивите, но би сакал да се осврнам малку на нивните политики и мерки со кои настојуваат, или "настојуваат" да ги остварат намерите да му помогнат на народот.

 

Еве, да го земеме примерот на Македонија. Еден од најголемите проблеми на македонските граѓани и бизнисмени во изминативе пет-шест години се високите сметки за телефонски и интернет услуги. Но што политичарот од нашето маало направи во изминативе години за да му помогне на народот во однос на ова прашање? Прво, кратко и јасно, не направи ништо за да му помогне. Второ, направи многу за да му одмогне. И трето, со тоа што го направи му нанесе огромни штети на својот народ: на граѓаните, бизнисмените, студентите и професорите, заљубените и осамените, на македонската економија. Штетите се непроценливи, но секако се мерат со милијарди евра. Како поточно тоа се случи?

 

Големите компании во многу држави имаат привилегирана позиција која им овозможува да печалат на грбот на корисниците на нивните услуги. Еден од облиците преку кои тоа најчесто се прави е остварување на монополска позиција која ги штити од конкуренцијата на други фирми. Во такви околности, нормалните пазарни законитости не делуваат и компаниите ги "набиваат" цените без тоа да го одразува квалитетот на нивните услуги.

 

Една таква ситуација постоеше во Македонија во изминативе неколку години. Монополот на Македонски Телекомуникации во фиксната телефонија и диктирањето на условите во мобилната телефонија под кои работи вториот оператор, и овозможи на оваа фирма да направи астрономски профити на товар на граѓаните и за сметка на конкурентноста на македонските фирми. Остварените профити се неспоредливи со просекот за соодветни компании во овој сектор и се незамисливи за една економија во која би постоела здрава конкуренција.

 

Се разбира, оваа ситуација не се случуваше во политички вакуум.  Напротив, таа беше не само толерирана, туку и помагана од страна на политичката елита. Наспроти законските можности и многубројните опомени од ЕУ,  нашиот политичар чија уста инаку е полна со Европа, во овој случај остана нем.  А зошто да зборува кога ако ќути – добиваше повеќе. Добиваа повеќе и неговите пајташи во тнр. независни агенции (Агенцијата за електронски комуникации, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Антимонополската Управа и сл.). Во основа, овие институции требаше да ја штитат конкуренцијата и да го спречат монополот на пазарот. Сепак, улогата на политичарот во сето ова беше одлучувачка. Со катастрофално лоши последици за оној ист народ заради кој, се сеќавате, тој се реши да влезе во политиката, со така благородна и возвишена цел да му помогне. Македонски телекомуникации го ограби македонскиот народ, а тоа го направи со голема помош и поддршка од политичарот, регулаторот, комисионерот. Сите оние кои всушност требаше да го спречат тоа. Сите оние кои требаше да овозможат конкуренција на телекомуникацискиот пазар.

 

А конкуренцијата е всушност природниот регулатор кој ги израмнува интересите на давателите и корисниците на услугите и претставува ефикасен механизам против монополизација на пазарот. Таа не се мери првенствено преку бројот на фирми кои работат на одреден сегмент од пазарот, туку преку слободата во работењето и влезот на фирмите на тој пазар. Без привилегии од државата во форма на ексклузивни права за работење на пазарот, компаниите не можат да ја спречат конкуренцијата. Конкурентскиот притисок од навлегување на нови фирми ги тера постојните да инвестираат во нови технологии, како и да бидат креативни за да ги задоволат потрошувачите со подобар квалитет и пониски цени. Во услови на слободен пазар на кој нема привилегии од државата за одделни фирми, следењето на личниот интерес ги тера фирмите и претприемачите да го прават она што е најкорисно за нивните клиенти. Конкуренцијата ги принудува да го прават тоа заради природниот "страв" од влегување на друг играч на пазарот кој ќе им одземе дел од бизнисот, а со тоа и од заработката. 

 

Токму затоа, како потрошувач и граѓанин исклучително многу ме израдува оваа недела еден телефонски разговор и она "ало, министре, ние го исполнивме нашето ветување", изречено од првиот човек на австриски Мобилко/ВИП, новиот оператор во мобилната телефонија во Македонија. Тоа значи и исполнето ветување од страна на Владата кон граѓаните за намалување на цените на мобилната телефонија за преку 70%.

 

За сите оние кои од внатре го познаваат процесот на рушење на монополот на македонски телекомуникации и неговите столбови, тоа е голема победа. Победа на конкуренцијата наспроти монополот. Победа на сите оние кои ги засукаа ракавите и макотрпно и тивко работеа тоа да се случи, наспроти грамзивите транзициски профитери поврзани со разно-разни слуги во системот. Победа на оние кои сакаат слободно да мислат, работат, зборуваат, наспроти оние кои сакаат да ќутат и да се богатат. Победа на новиот наспроти стариот политичар.

 

Некои повеќе добиваат – ако повеќе зборуваат. Но сите повеќе добиваат – ако веруваат во новиот политичар.

Comments are closed.