Скопје, 7 декември 2015 (МИА) – Во технолошко-индустриската развојна зона во Бунарџик денес почна со работа фабриката за производство на инфлатори за воздушни перничиња „АРЦ Аутомотив Македонија“, инвестиција од 18 милиони долари на американската компанија од автомобилската индустрија „Кап-Кон аутомотив технолоџис“.
Во новата фабрика се отворени 75 работни места, а инвеститорот најавува вкупно 400 вработувања. Компанијата ќе биде извозно ориентирана, со производи примарно за европскиот пазар.
– Листата на големи и мултинационални компании од светот, кои имаат свои фабрики во Македонија, од денес се зголемува и со американскиот инвеститор Кап-Кон, рече на свеченоста премиерот Никола Груевски.
Фабриката, посочи, поседува најмодерна опрема и високософистицирани производни линии, со што верува дека ќе биде предизвик за сите стручни кадри од Македонија кои ќе се пронајдат во нејзиното работење.
– Радува фактот што плановите на инвеститорот не запираат тука и во иднина се планира инвестирање во технички центар на компанијата кој ќе биде дополнителна инженерска поддршка на целиот капацитет, нагласи Груевски, поздравувајќи ја отвореноста на компанијата за соработка со повеќе македонски компании кои би можеле да обезбедуваат материјали за потребите на АРЦ Аутомотив Македонија.
Најголема придобивка од отворањето на новата фабрика, посочи Груевски, е вниманието што ќе го предизвика кај останатите компании кои сè уште размислуваат, се интересираат и ги истражуваат можностите за влез во нашата земја. – Новите фабрики се нашиот најголем промотор и се надевам дека примерот на Кап-Кон ќе го следат уште многу светски компании, наведе Груевски, истакнувајќи дека во ТИРЗ-овите АРЦ Аутомотив Македонија ќе биде сосед со „Вистеон“, „Џонсон мети“, „Технохозе“, „Кемет електроникс“, „Ван Хул“, „Продис“, „Диатек“, а во следниот период и „Монтанте груп“.
Можеби, истакна, за политичкиот опонент овие инвестиции се виртуелни и непостоечки, но дека граѓаните се тие што гледаат, работат и земаат плата од овие фабрики. – Таквиот тренд на нови инвестиции и отворање нови фабрики во Македонија ќе продолжи и во наредниот период, рече премиерот укажувајќи дека бројот на нови фабрики од месец во месец е сè поголем, а за само една недела се одбележува изградбата или отворањето на четвртата фабрика.
Главниот извршен директор на Кап-Кон Али Ал Хаџ информира дека досега во изградбата на капацитетот се инвестирани 12 милиони евра во машини и опрема и оти фабриката во Македонија ќе биде нивниот централен фокус на европскиот пазар.
– Инсталацијата на високософистицирани производни линии во комбинација со талентираниот локален персонал ќе ни овозможи да произведуваме само најквалитетни производи кои ќе бидат испорачувани до нашите потрошувачи. Нашиот план е да го зголемиме производството во претстојните недели до 2,5 милиони единици годишно. Исто така, АРЦ планира да го удвои овој капацитет во текот на следните шест месеци, а потоа планираме да произведуваме и пет до шест милиони каписли за воздушни перничиња, рече Ал Хаџ.
Секоја инвестиција и секоја нова фабрика во Македонија, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, значи подобар стандард за граѓаните, повеќе производство, поголем извоз, подобри резултати за македонската економија…
– Ако до пред само пет години соодносот на извозот на машини и суровини од земјава беше два наспроти еден во корист на суровините, денес тоа е обратно, односно пет наспроти еден за извозот на машините и опремата во однос на суровините. Значи, имаме петкратно повеќе извоз на машини и опрема отколку што имаме на суровини и тоа е таа трансформација на македонското производство и економија, структурна трансформација којашто значи извоз на производи со многу повисока технолошка вредност, рече Ставрески.
Претставува огромно задоволство, дополни, што Кап- Кон ја избра Македонија за инвестициска дестинација бидејќи конкуренцијата е голема и сите држави во регионот се обидуваат да привлечат инвестиции. Инвестицијата на Кап-Кон, потенцира Ставрески, е потврда за поволната бизнис клима во Македонија.
Договорот со Кап-Кон за инвестицијата во фабриката во Бунарџик беше потпишан лани во декември.