31 октомври 2019 година, Скопје – Во 2019 година вкупните депозити бележат раст. Задржан е трендот на зголемување на штедењето на населението, како резултат на довербата во банкарскиот систем. Денарското штедење на населението го надминува штедењето во девизи, што укажува на задржување на доверба на граѓаните во домашната валутa. Се задржа склоноста за штедење на долг рок, пред се во денари. Значително е зголемено кредитирањето на фирмите a нефункционалните кредити се задржаа на ниско ниво. Ова е показател за голема довербата во македонскиот банкарски систем, посочи министерката за финансии Нина Ангеловска на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето.
-Во услови на конкуренција меѓу банките, инвестициските фондови, осигурителните и брокерските друштва, која ќе се интензивира, банките ќе треба истовремено да ги задржат клиентите и да балансираат меѓу трошоците и ризикот. Друг и посериозен предизвик е следењето на современите трендови кои бараат вложувања во специјализирана технологија, ориентирана кон клиентите. Новите технологии веќе го исцртуваат финансискиот пејсаж со кој ќе се соочиме во деценијата што доаѓа. И тој нема да наликува на овој во кој работиме денес. Новите платформи за дигитално банкарство, апликации кои им овозможуваат на клиентите брзи и директни контакти со банките, поврзувањата преку веб апликации, паметни часовници и мобилни уреди се само зародиш на иднината што не очекува-рече министерката Ангеловска.
На крајот на третиот квартал вкупните депозити изнесуваа 6,4 милијарди евра и забележаа годишен раст 10,1 отсто во однос на 2018 година. Депозитите на населението во истиот период забележаа годишен раст од 9,3 отсто и достигнаа 4,3 милијарди евра.
-Современите трендови бараат вложувања во специјализирана технологија, ориентирана кон клиентите. Новите платформи за дигитално банкарство, апликации, памтни уреди им овозможуваат на клиентите брзи и директни контакти со банките при заштеда на време и трошоци, а во исто време го намалуваат и трпението и ги креваат и очекувањата на клиентите. Дигитализацијата им наметнува на банките нови барања и нови предизвици, истовремено нудејќи им решенија, кои земјите во развој мора да ги применуваат паралелно со развиениот свет. Македонскиот банкарски систем треба да продолжи да расте искористувајќи ја значајна доверба на граѓаните и компаниите и да се вклучи во оперативни и стратешки предизвици со правилно ниво на итност и да артикулира јасна визија за неговото стратешко место во финансискиот систем-укажа Ангеловска.
Организатори на настанот беа Македонската банкарска асоцијација и Фондот за осигурување депозити.