29 март 2020, Скопје – Да го заштитиме секое работно место, секој да има средства за да го преживее и преброди овој период. Да ја заштитиме ликвидноста на Буџетот за да ги сервисираме обврските и да ја заштитиме ликвидноста на стопанството кое потоа треба да се рестартира. Ова се целите според кои се раководиме во справувањето со кризата и при менаџирањето со Буџетот, рече министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за Радио Слободна Европа.

Зборувајќи за тоа што би се кратело од Буџетот, Ангеловска вели дека сѐ што е во функција на справување со кризата, не може да биде предмет на кратење, како што се здравството и безбедноста. Таа посочува дека треба да се обезбедат средства за секој граѓанин да го преброди овој период и  да тече социјалната заштита, а воедно сите да бидеме солидарни, реални и самосвесни.

– Ако зборуваме за кратење на расходната страна, ќе има кратења на одредени стоки и услуги, односно одредени капитални услуги како што се купување опрема, лиценци, софтвери. Значи, во едни такви услови, сè што суштински и директно не е поврзано со справување со кризата предизвикана од коронавирусот мора и може да биде предмет на кратење. А како и зошто? Со една единствена цел – да се заштити секое  работно место, секој да има средства да го преброди овој период, сите да бидеме солидарни. Да ја заштитиме пред сѐ ликвидноста на Буџетот за да ги сервисираме овие обврски и да ја заштитиме ликвидноста на стопанството кое потоа треба да се рестартира и да продолжи да ја полни цевката за да може да тече нормално и расходната страна – рече Ангеловска.

Таа посочи дека првиот пакет-мерки со кој се нудат бескаматни кредити, субвенционирање придонеси и одлагање плаќање аконтации на данок на добивка грубо чини околу 40 милиони евра.

– Зборуваме за околу, грубо кажано, 40 милиони евра и дополнително 50 милиони евра кои, како што најавивме, Развојна банка на Северна Македонија ќе ги стави во функција на стопанството преку кредити, за кои сега се утврдуваат условите и воедно се дискутира со комерцијалните банки истите да бидат пласирани преку нив, бидејќи се работи за заем за кој е склучен договор со  Европската инвестициона банка. Сега разговараме за промена на условите, за да истиот биде ставен во функција на справување со кризата и помош на ликвидноста на стопанството. Со вториот сет на мерки што во моментов се изработува, допрвa ќе излеземе со бројки. Мерката за поддршка или исплата на минимална плата на погодените сектори и индустрии, во груба проценка, би чинела околу 100 до 120 милиони евра – рече Ангеловска.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.