25 октомври 2019 година, Скопје – Менаџирањето бизнис во е-трговија бара мултисекторска соработка, широки познавања од многу полиња и многу пасија. Огромен е потенцијалот на е-трговијата за мала земја како нашата. Отклучувањето на тој потенцијал бара партнерство и здружени сили на владиниот, невладиниот и реалниот сектор, академската заедница и провајдерите на неформално образование како и на граѓаните, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на отворањето на втората годишна Конференција за е-трговија на тема „Бизнис-раст со е-трговија“ на која присуствуваат повеќе од 400 учесници од над 200 компании и организации, а свои знаења и искуства ќе споделат 30 говорници од земјата и од странство.

Податоците на Народна банка покажуваат дека Македонците во првото полугодие од 2019 година потрошиле 84 милиони евра на онлaјн купување со платежни картички, што е за 26 отсто повеќе споредено со истиот период лани.

– Министерството за финансии има неколку иницијативи поврзани со предизвиците идентификувани од е-трговците. Со новиот Закон за платежни услуги кој наскоро треба да биде донесен ќе се овозможи либерализација на пазарот и можност за влез и развој на финтек солуции односно софистицирани платежни решенија. Веќе се работи и на конципирање на акциониот план за таргетирано дејствување на сивата економија, што ќе им помогне на бизнисите во борбата со нелојалната конкуренција – укажа Ангеловска.

Министерката Ангеловска посочи дека владиниот сектор треба да ги поттикне компаниите, особено малите и средните компании, овозможувајќи им да растат и да се развиваат со е-трговијата. Нагласувајќи дека бизнис-секторот е партнер на Владата, министерката Ангеловска ги охрабри компаниите да иницираат промени, бидејќи само со здружени сили и холистички пристап може да се оствари прогрес.

Асоцијацијата за е-трговија е формирана пред 2 години со цел да придонесе кон напредокот на електронската трговија и креирање поволна бизнис-околина за раст. 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.