25 ноември 2019, Скопје – Со буџетот за 2020 година ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите граѓани. Сакаме најдобрите лекари да бидат во јавното здравство, сакаме квалитетни идни генерации, а за тоа е предуслов квалитетното образование, сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска, на почетокот на расправата за Предлог-буџетот 2020 на собраниската комисија за финансирање и буџет.

-Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја, сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живот и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на нивните работни места? Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област, и треба да ги задржиме во земјава да бидат дел од јавното здравство. За да мотивираме дел од квалитетните студенти да работат во просветата, треба да им понудиме пристојни плати. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Сакаме да нема деца надвор од системот на згрижување. Сакаме подобрениот животен стандард да го почувствуваат сите – рече министерката Ангеловска.

Министерката за финансии истакна дека предлог-буџетот за 2020 година е реален, и дека ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

Вкупните приходи во предлог-буџетот се проектирани на 222,3 милијарди денари, а расходите на ниво од 239,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3% од БДП или 17,385 милиони денари во апсолутен износ.

За здравствена заштита се планирани средства во износ од 33,7 милијарди денари или за 2,8 милијарди денари повеќе во однос на лани. Со нив е предвидено зголемување на капитацијата, достапност на лекови во тек на цел месец. Со буџетот за 2020 година, предвидено е покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25%, кај општите лекари за 15%, кај сестрите за 10%, додека кај здравствените соработници за 5%. Ова следи по покачувањето на платите за 10% од јануари 2019 година за лекарите и зголемувањето од 5 % во септември 2019 година за сите кадри во здравството, односно трето покачување досега. 

Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 30,6 милијарди денари. Во рамки на овие средства планиран е ефектот од веќе реализираното покачување на платите за 5% за вработените кај буџетските корисници во последниот квартал од 2019 година, во насока на подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, како и ефектот од новото зголемување на платите на вработените во образовните институции на централно ниво за 10%.

Социјалните трансфери се проектирани на износ од 116 милијарди денари. Во текот на 2020 година 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии како соодветно обезбедување на оваа категорија на население. Со буџетот за 2020 година е планирано покачување на пензиите за околу 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија. За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 1,6 милијарди денари.

-Капиталните инвестиции планирани на ниво од 23,6 милијарди денари, се обезбедуваат од буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Во рамки на ова ниво на капитални инвестиции најзначајно учество имаат квалитетните и продуктивните инвестиции во патна и железничка инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура. На овие инвестиции отпаѓаат околу 36% од вкупните планирани капитални расходи во Буџетот за 2020 година – рече Ангеловска.

Таа посочи дека ќе се продолжи со изградба и модернизација на пругата на Коридорите VIII и X. Во текот на следната година ќе се отпочне Проектот за изградба на локални патишта од 70 милиони евра, поддржан од Светска банка. Исто така предвидени се средства за националниот гасоводен систем,  делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар.

Во здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од околу 1,5 милијарди денари наменети за проектот за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, за набавка на медицинска, реконструкција на Општа болница во Кичево. Во 2020 година планирано е да отпочне проектот за изградба на новиот клинички центар во Скопје, а се продолжува со имплементацијата на Регионалната Клиничка болница во Штип, финансирана со заем од ЦЕБ.Со изградбата на новиот објект се планира подобрување на здравствената инфраструктура и условите за работа, како и замена на старата дијагностичка медицинска опрема која е дотраена со нова модерна и усовршена.

За образованието, детската заштита и спортот предвидени се капитални инвестиции во износ од околу 2,1 милијарди денари, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.

Економскиот раст за договодина е проектиран на 3,8%.

Comments are closed.