22 април 2020,  Скопје (МИА) – Зголемувањето на акцизата на горивата е времена мерка која ќе се применува за време на вонредната состојба и седум месеци потоа. Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берзи. Односно, во вонредна состојба, на сегашната акциза ќе се наплаќаат дополнително три денари, два денара или нула денари согласно движењата на цената на нафтата на странските берзи, истакнува министерката за финансии, Нина Ангеловска во интервју за МИА.

Потенцира дека не се планира зголемување на други давачки, а  дека приходите во Буџетот од почетокот на април до средината на април во споредба со истиот период лани, се помали за 20,7 отсто, додека кај даноците и придонесите за 20,1 отсто. Реализацијата, вели, во април е во рамки на првото од трите сценарија, односно поповолното.

За растот на економијата годинава посочува дека во  Министерството за финансии се следи ситуацијата, се подготвуваат новите проекции, кои, согласно првичните прелиминарни проценки, се во линија со проекциите на Меѓународниот монетарен фонд.

Ангеловска наведе дека е започната постапката за издавање еврообврзница, која, како што рече, се очекува да се финализира на крајот на мај.

Со која цел е покачувањето на акцизата, поврзано ли е со буџетските сценарија и дали би дошло до зголемување на некои други давачки или даноци? 

– Ова е времено и условено зголемување на акцизата за горива во земјава за три денари за време на вонредната состојба и седум месеци потоа. Тоа е антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата, акцизата ќе се намали или ќе се врати на претходното ниво.

Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берзи. Односно, во вонредна состојба, на сегашната акциза ќе се наплаќаат дополнително три денари, два денара или нула денари согласно движењата на цената на нафтата на странските берзи. Согласно со уредбата, во случај цената на нафтата да е под 400 долари по тон, средна берзанска цена на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“, како што е сега, тогаш ќе се пресметуваат дополнителни три денари на постојната акциза. Ако цената е од 400 до 600 долари за тон, ќе се пресметува два денара покачување на акцизата. Ако, пак, цената се врати на нивото од над 600 долари за тон, како што беше на почеток на годината, тогаш нема да се пресметува покачување на акцизата, односно ќе биде нула денари.

Практично, ова би значело ако малопродажната цена на горивата се зголеми за 10 денари, на основната акциза ќе се пресметува зголемување од два денара. Ако малопродажната цена на горивата се зголеми за над 20 денари, акцизата ќе се врати на старо, односно ќе се пресметува нула денари додаток.

Со оглед на тоа дека станува збор за времено покачување, кое е условено од цената на нафтата на светските берзи, ова нема да има ценовни импликации.  Од почетокот на годината малопродажната цена е намалена за 20 денари, а согласно светските случувања сѐ уште се намалува. Исто така, треба да се земе предвид времениот карактер и условеноста на акцизата од цената на нафтата на светските берзи. Односно ако таа се зголемува, акцизата ќе се намалува.

Цената на суровата нафта на светските берзи отиде во негатива, поточно завчера производителите на нафта им плаќаа по 30 долари од барел на купувачите за да ги преземат количините, кога понудата е повеќекратно поголема од побарувачката. Производителите едноставно немаат каде да ја складираат произведената нафта, а со оглед на тоа дека најголем број од летовите се приземјени, движењето низ светот ограничено, побарувачката за нафта и во следниот период ќе остане мала, значително помала од понудата.

Целта на оваа мерка е да се намалат ефектите врз Буџетот од намалената потрошувачка на нафта и од намалувањето на цената на истата. Во 2019 година, во Буџетот на Северна Македонија биле наплатени 240 милиони евра по основ на акциза од дизел, безоловен бензин и екстра лесно гориво. Според проектираните сценарија, по почетокот на кризата, на годишно ниво падот на приходот по основ на акциза од овие нафтени деривати, при значително намалено ниво на потрошувачка, би изнесувал 12 отсто споредено со 2019 година или околу 30 милиони евра со основната цена на акцизата. Со условното зголемување на акцизите за три денари би се надоместил овој пад и би се постигнало истото ниво од 2019 година, во услови ако ниските цени на нафтените деривати се задржат до крајот на годината. Колкав дел би се надоместил, секако, зависи од движењето на цените како што кажав.

Инаку, нашата земја има убедливо најниски цени на нафтени деривати во регионот. Така, ако цената на безоловен бензин еуросупер во земјава на 20 април  изнесувал 48 денари за литар, во Србија изнесувал 73,23 денари за литар, во Косово 74,6 денари за литар, во Албанија 82,46 денари, а во Грција 85,54 денари. Значи, ова се цени коишто се над 50, 60, па и 70 отсто повисоки од кај нас. Во нашето окружување, само Бугарија има цена што е поблиску до нашата и таа изнесува 57,85 денари по литар или скоро 10 денари повеќе по литар отколку кај нас.

Истото се случува и со еуродизелот. Ако кај нас е 45 денари по литар, во Косово е 72,62 денара, во Грција 73,23, во Србија 78,16 денари, а во Албанија е 82,46 денари. Од окружувањето, повторно најблиску до нашата цена е Бугарија со 60,92 денари по литар или за третина повеќе во однос на цената кај нас. Ние имаме убедливо најниска акциза за еуродизелот од сите земји, додека заедно со Босна и со Косово имаме најниски акцизи на еуросуперот.

Во однос на други давачки, не е планирано покачување на давачките. Исто така, ќе напоменам уште еднаш дека ова е времена и условена мерка – односно, ако почне да се качува цената, акцизата ќе се врати на старо.

Имаше забелешки зошто не се изедначи акцизата на екстра лесното и до кога ќе се применува оваа мерка?

– Условното и времено покачување на акцизата е антикризнa меркa, која треба да влијае да нема неконтролиран пад на приходите по овој основ, поради падот на потрошувачката и падот на цената на нафтата. Решението со три денари еднакво зголемување е предложено за сите деривати, со единствена разлика дека кај екстралесното гориво не е условено од цената, односно останува покачувањето без разлика на движењето на цените, што е всушност и еден чекор кон адресирање на прашањето за екстралесното гориво.

Ова не значи дека не работиме на трајно решение за екстра лесното гориво. Во соработка со Министерството за економија и Царинската управа работиме на предлог-решение  кое ќе биде издржано и системско. Секако, решението на ова прашање е во интерес на животната средина и намалување на загадувањето. Сепак, како што кажав, се наоѓаме во вонредна состојба и условеното покачување на акцизата за три денари кај нафтените деривати е во форма на антикризна мерка во услови кога таа можност е отворена поради големите падови на цената на нафтата, а во насока и интерес на компензирање на падот на приходите по основ на акцизата од нафтените деривати, како резултат на намалената побарувачка.

Така што, ова се две различни прашања и така и треба да ги третираме и да им пристапуваме.

За екстра лесното гориво пристапот не е антикризна мерка туку системско и долгорочно решение кое вклучува бројни анализи и координација и согласување на сите аспекти со цел да се повлечат правилните одлуки кои ќе го решат ова прашање на долг рок.

Меѓународните институции излегоа со проекции за годинава и предвидениот пад на БДП. Најновата е од ММФ, која предвидува пад на македонската економија од четири проценти, но предвидува раст од 7 отсто за следната година. Во МФ најавивте дека се прават анализи за проекциите за растот. Дали се веќе готови и што покажуваат истите

– Здравствено-економската криза што сега му се случува на светот е најголемата криза од Големата депресија наваму. Нема земји кои ќе бидат поштедени. Речиси сите проекции за економските резултати се со предзнак минус. Се проектира дека светскиот БДП ќе се намали за 3 отсто, на Европската Унија за 7,1 отсто, со тоа што кај германската економија се предвидува пад исто така од 7 отсто. За македонската економија, Меѓународниот монетарен фонд проектира негативен резултат од 4 отсто. Компаративно, со другите земји од регионот, ова е меѓу најмалите потфрлања во регионот – за Босна и Херцеговина, Косово и Албанија проектиран е пад од 5 отсто, за Црна Гора и Хрватска од 9 отсто. Повисок раст се предвидува за 2021 година, кога се очекува светскиот БДП да порасне за 5,8 отсто, а европскиот за 4,8 отсто. Во регионот, исто така, проекцијата е дека најголем број економии ќе имаат раст од над 5 отсто, како Србија со 7,5 отсто, Република Северна Македонија со 7 отсто, Бугарија со 6 отсто, Косово со 7,5, Албанија со 8, освен Хрватска за која е проектиран раст од 4,9 отсто и Босна и Херцеговина од 3,5 отсто.

Во  Министерството за финансии се следи ситуацијата, се подготвуваат новите проекции, кои согласно првичните прелиминарни проценки се во линија со проекциите на Меѓународниот монетарен фонд. Најголемата контракција се очекува во вториот квартал, потоа значајно помала во третиот и веќе стабилизација и позитивен резултат во четвртиот. Односно, се очекува да се забележи пад, кој ќе биде малку поблаг во однос на окружувањето, благодарение на здравите макроекономски фундаменти, а потоа ќе следи повисок раст следната година за враќање на македонската економија на позитивната траекторија. Мерките што се преземаат од страна на Владата за амортизирање на ударот од економската криза, кои се во вид на даночни олеснувања, ликвидносни инјекции и меки мерки за помош на стопанството и на граѓаните, ќе придонесат кон подобрување на економскиот исход и побрзо опоравување, исто така.    

Неодамна објавивте три сценарија за справување со последиците од коронавирусот во економијата. Веќе изминува првиот месец од вториот квартал, во кој се очекува и најголемиот удар. Според досегашните податоци со кои располагате, кое од овие сценарија би се случило?

– Април и мај се месеците во кои се очекува најголемиот удар, односно најслаби резултати во поглед на наплатата на приходите, согласно успорената економска активност. Каква е сега ситуацијата? Ако се спореди периодот од почетокот на  април до средината на април, со истиот период минатата година, наплатата на вкупните приходи е помала за 20,7 отсто, додека кај даноците и придонесите за 20,1 отсто. Реализацијата во април е во рамки на првото од трите сценарија, односно поповолното, иако главно проекциите за реализацијата на приходите во трите сценарија се слични, со оглед на тоа дека во сите се предвидува најголемиот удар да биде во вториот квартал. Дали ќе се случи најповолното сценарио, или средното сценарио, зависи пред сѐ од она што ќе се случува по април, односно главно што ќе се случува во третиот квартал, периодот за опоравување – колку брзо ќе се враќаат работите во нормала. За таа цел ќе се креираат и нови мерки, ќе се преземаат нови активности со цел економијата брзо да се врати на патеката на раст.

Какви се приходите во Буџетот?

– Од почетокот на годината до средината на април, падот на вкупните приходи е 3,1 отсто во однос на минатата година за истиот период, со 6,9 отсто пад на даночните приходи и кумулативен раст на придонесите од 10,4 отсто.

Расходната страна, пак, е во рамки на проекциите, но направени се значајни прераспределби помеѓу буџетските корисници и кратење на средствата кај скоро сите буџетски корисници. Во насока на рационализација на средствата скратени се платите на функционерите, трошоците за набавка на стоки и  услуги, како и капиталните расходи и други трошоци кои не се во функција на борбата против КОВИД-19. Средствата од овие кратења ќе се насочат кон првиот и втoриот пакет-мерки за помош на стопанството и на граѓаните кои се соочуваат со последици од здравствено-економската криза.

За финансирање на дефицитот и ликвидносните потреби добиени се 176 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд. Во текот на следниот месец се очекува да се добијат и околу 140 милиони евра преку Светска банка, како и средства од фондовите на Европската Унија за надминување на кризата. Минатата недела испративме формално барање за користење на инструментот за макро-финансиска стабилност од ЕУ.  Денеска Европската комисија официјално ја соопшти веста за пакетот за макро-финансиска стабилност од 3 милијарди евра, а согласно прелиминарната анализа, на Република Северна Македонија ќе ѝ бидат ставени на располагање 160 милиони евра. Исто така, ја започнавме постапката за издавање еврообврзница, која се очекува да се финализира на крајот на мај.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window