10 октомври 2019, Скопје – Министерството за финансии се вклучи во активностите за зголемување на свесноста за ракот на дојка. Со обраќање на министерката за финансии Нина Ангеловска и предавање на докторката Светлана Темелковска, специјалист радиолог од Институтот за радиологија и претседател на Здружението за радиологија на рак на дојка, вработените беа инспирирани проактивно да се однесуваат кон најчестиот карцином кај жените.

Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека поводот за овој настан е месецот за борба против ракот на дојка.

– Кога ги прочитав статистиките дека дури 80 проценти од пациентите дијагностицирани со карцином на дојка немаат семејна историја, се исплашив, затоа што сите мислиме дека најголема е веројатноста да заболите ако сте го имале во семејството. Сите сметаме дека болеста е далечна додека не ни се случи нам. А кога ќе се случи, сѐ друго станува неважно – кажа Ангеловска. 

Во секојдневната битка со брзиот живот, обидувајќи се едната секунда да ја искористиме како две и да одговориме на сите предизвици, забораваме на здравјето, посочи Ангеловска, и потоа се запрепастуваме кога ќе дознаеме дека нешто му се случило на наш близок, но и тоа за неколку дена ни избледува.

– Клучната порака што јас би сакала да ја упатам е дека за успехот во што било  па воедно и за одржување на здравјето многу е важна самодисциплината. Во овој случај, самодисциплината значи самопреглед, кој одзема само две минути. Би сакала да тргнеме од нас, бидејќи сме женска институција, да бидеме проактивни и во самопрегледите и во контролните прегледи кај доктор. Можеме да ја кренеме свеста и сакам ние како институција да бидеме пример. Ако секоја од нас тука раскаже на три пријателки како се прави самопреглед и што слушнавте денес, секоја од нас ќе има влијание во кревањето на свеста. „Заборавив“ и „немам време“ не се оправдувања, зашто освен обврските кон другите сите имаме обврски и кон себеси – рече министерката Ангеловска.

Д-р Темелковска, укажувајќи дека организирањето стручни предавања за ракот на дојка е типично европско однесување кон грижата за здравјето на вработените, посочи дека како радиолог не сака само октомври да биде месец за подигнување на свеста за карциномот на дојка туку едукацијата за болеста да стане трајна активност.

– Жената треба да прави месечни самопрегледи, а по навршени 40 години возраст да доаѓа на редовни контроли на секои две години. За жените со семејна историја на болеста, препораката е еднаш годишно преглед, по навршени 35 години. За секоја нова промена на дојките што ќе ја забележите, треба да консултирате доктор. Не плашете се, ракот на дојка се лекува – нагласи таа.

Вработените во Министерството ѝ поставија на докторката Темелковска многу прашања, меѓу кои кога прв пат и колку често треба да прават мамографија, дали ако се утврди нешто, веднаш треба да се прави биопсија и како е поврзана мамографијата со доењето.  

 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Comments are closed.