Скопје, 9 октомври 2019 – Сите граѓани што скенираат фискални сметки и учествуваат во мерката „МојДДВ“, од 25 ноември ќе бидат учесници во наградната игра „МојДДВ #МојаНаграда“. Предвидени се награди на дневно ниво и 15 награди на месечно ниво, како и две главни награди. Фондот е 31 милион денари и сите награди се парични. Според министерката за финансии Нина Ангеловска тоа е унапредување на мерката Мој ДДВ која дава резултати и ќе биде дополнителен мотив на граѓаните во борбата против сивата економија.
– Наградната игра „ МојДДВ #МојаНаграда “ е еден вид унапредување на мерката која досега даде резултати. При креирањето на наградната игра, тимот што работеше ги зема предвид и бројните предлози што пристигнаа од граѓаните и задоволство ми е да ви кажам дека добар дел од нив ќе бидат и инкорпорирани во унапреденото решение. Исто така, беа земени предвид успешни најдобри практики од други земји. И не само тоа туку одиме чекор понапред, па наградната игра покрај наградувањето има и едукативни елементи кои ќе влијаат на финансиската писменост, изјави министерката Ангеловска.
Апликацијата Мој ДДВ има 200 илјади инсталации и на месечно ниво се скенираат над 7,5 милиони сметки од страна на над 150 илјади активни корисници. Министерката потенцира дека на крајот на годината преку оваа мерка кај граѓаните ќе бидат вратени три милиони евра за првите три месеци откако започна мерката.
– Граѓаните ќе добијат парични награди при скенирање на фискалните сметки дополнително од повратот кој е гарантиран и кој изнесува 15 отсто од ДДВ на фискалната сметка. Повратот ќе продолжи, и во декември ќе биде направена првата исплата во износ од три милиони евра назад кон граѓаните, додека со наградната игра овозможуваме дополнително стимулирање и мотивирање на граѓаните да учествуваат во борбата против сивата економија, појасни министерката.
Таа рече дека при креирање на решението се земени предвид и искуствата од 10 земји, а го наведе и примерот на Тајван каде што во 1951 година преку наградна игра се адресира сивата економија и со тоа се намали даночната евазија за 75 отсто. Оваа игра во Тајван се користи и денес.
Според министерката, важно е да се оди со начин да се наградат граѓаните, а не да се казнуваат. -Да ги наградиме граѓаните што ќе учествуваат во борбата против сивата економија и кои со ова решение ќе имаат причина плус да ги скенираат фискалните сметки. Кога нема да добијат сметка, да побараат, кога нема да ја добијат истата, да пријават за да може УЈП да постапи. Мерката враќа пари кај граѓаните, ја зајакнува фискалната дисциплина и благодарение на технологиите ќе имаме и едукативна компонента во целото ова решение, рече Ангеловска.
Наградната игра е на Министерството за финанси и Управата за јавни приходи, а ќе ја организира Државната лотарија на Македонија. Истата ќе трае една година. (МИА)