За догодина во буџетот имаме предвидено рекорден износ на средства за активни мерки за вработување, односно 1,311 милијарди денари. За споредба, тоа е за третина повеќе во однос на 2017 година, двојно повеќе во однос на 2016 година или за четирипати повеќе во однос на 2014 година, рече министерката за финансии Нина Ангеловска при промовирање на четвртиот ИПА грант за самовработување во Агенцијата за вработување.

-Преку активните мерки за вработување, невработените граѓани се стекнуваат со квалификации – адекватни на побарувачката на пазарот на труд во земјава. На тој начин се усогласуваат понудата и побарувачката на пазарот на труд, што резултира со намалување на невработеноста и раст на вработеноста, што е и главна цел на овие политики – рече Ангеловска.

Таа посочи дека политиките кои се водат за намалување на невработеноста, меѓу кои и активните мерки за вработување, даваат резултати.

-Стапката на вработеност од 47,4% во третиот квартал од 2019 година е највисока стапка на вработеност, додека стапката на невработеност од 17,1% е најниска од кога се спроведува Анкетата на работна сила. Споредено со истиот период лани, бројот на вработени е покачен за над 40.000 лица, додека само во текот на третиот квартал им повеќе вработени за околу 5.300 лица. Она што е позитивно е дека расте стапката на вработеност и кај младите и тоа за 3,3 процентни поени, доколку се спореди со истиот период лани – рече Ангеловска.

Таа посочи дека е особено важно воведувањето на ранливите категории на пазарот на труд, во чија насока е и искористување на грантот од ИПА II компонентата. Целта на проектот е ефективно вклучување на ранливите лица и примателите на социјалната помош на пазарот на труд и постигнување на најдобрите можни социјални исходи преку квалитетни персонализирани услуги и развој на вештини.

За проектот се наменети 4,1 милиони евра, од кои 3 милиони се грант средства од ЕУ, а останатите се од буџетот. Ова е убедливо највисока вредност на грант за поддршка на политиките за вработување. За споредба вкупната вредност на претходните три гранта изнесува вкупно 3,7 милиони евра. Со овој проект 1.200 лица, кои сега се корисници на гарантиран минимален приход ќе имаат можност да ја користат програмата за советување и мотивација, а понатаму и посета на обука за занает и обука кај познат работодавач. Преку програмата предвидени се 400 вработувања преку субвенции, каде 50% од платата во текот на првите 12 месеци ќе се исплаќаат од ИПА грантот, а 50% од национално учество, односно буџтетот на Агенцијата за вработување.

-Она што постојано го истакнувам е дека досега малку се вложувало во човечкиот капитал, што на долг рок се одразува на помала продуктивност и економски развој. Само ако од денес почнеме интензивно да работиме на обезбедување на подобри услови и подобри квалификации за нашите граѓани, можеме да зборуваме за развој подобра иднина во земјава, во која младите ќе сакаат да останат и добрите кадри ќе сакаат да работат – рече Ангеловска.

Comments are closed.