20 јуни 2020, Скопје – Отсега на платформата Отворени финансии ќе можат да се следат и сите исплати на единиците на локалната самоуправа и нивните буџетски институции. За ова информираше денеска министерката за финансии Нина Ангеловска, која посочи дека е направена надградба со која се зголемени перформансите на системот и осега ќе се објавуваат и трансакциите на општините, на истиот начин на кој се објавуваат и трансакциите на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија на платформата open.finance.gov.mk.
-Фискалната транспарентност претставува најдобра алатка за домаќинско трошење на државните пари. Надградбата на порталот „Отворени финансии“ има за цел да им даде на јавноста, граѓанските организации, експертската и бизнис заедница посеопфатна слика и база на фискални податоци за трошењето на државата и општините. Тоа претставува основа за понатамошна економска анализа, зајакнување на јавната дебата со факти поткрепени со фискални податоци од официјален извор, како и поттик за јавните чинители поефикасно и ефективно да управуваат со јавните финансии.- речле Ангеловска.
Министерката за финансии посочи дека значително е подобрена транспареноста на Министерството за финансии за 9,1 процентен поен и со тоа се рангира меѓу најдобрите десет институции во однос на индекот за актовна транспарентност. Ова се должи на трите алатаки кои се пуштени на крајот на 2019 и почетокот на 2020 година со кои јавноста има увид во движењата на јавниот долг и неговите компоненти, на капиталните расходи по буџетски корисник, како и на сите исплати од трезорот.
-Во ноември ја презентиравме платформата „Отворени финансии’ – која е исклучително висок степен на транспарентност, односно озвозможува да се следат исплатите од трезорот за буџетските институции. Со достапноста на овие информации во јавност, со оглед на обемот, но и нивото на приказ, согласно економската и буџетска класификација, граѓаните имаат информации за буџетскиот корисник од кој е извршено плаќањето, видот на трошокот согласно економската класификација, информација за примателот на средствата, датумот на кој е реализирано плаќањето, податоци за спецификации на расходи итн. Податоците се ажурираат два пати месечно, а корисниците можат да ги преземаат во отворен формат за правење на анализи – рече Ангеловска.
Досега платформата Отворени финансии има над 250.000 посети од страна на над 24.000 корисници кои во просек се зaдржуваат по 6 минути на страната.
„Отворени финасии“ е изработена со поддршка на Меѓународниот републикански институт – ИРИ и Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД.