20 февруари 2020, Скопје – Од денес граѓаните имаат можност да се информираат за јавниот долг преку новата алатка за транспарентност javendolg.open.finance.gov.mk, која ја изработи Министерството за финансии со поддршка на ИРИ и УСАИД. На страницата се детално прикажани долгот, неговото движење по години, раздолжувањата, повлекувањата за 2020 година и како ќе се финансира истиот. Министерката за финансии Нина Ангеловска, на јавната презентација на платформата, посочи дека преку целосна фискална транспарентност, граѓаните ќе можат да ги препознаат непотполните и лажните вести кои се злоупотребуваат за политичко поентирање.

– Силно се залагам за фискална транспарентност и едукација на даночните обврзници, граѓаните во врска со јавните финансии, клучните буџетски документи, што сметам дека е особено важно за млади демократи како нас. Без разлика на економското познавање на граѓаните, податоците се прикажани и систематизирани на едноставен и разбирлив начин, сѐ со цел да бидат јасни за широката публика. Со ваквото лесно разбирливо претставување на податоците за јавниот долг, убедени сме дека ќе придонесеме кон намалување на заблудите што постојат во однос на задолжувањето, нивото и одржливоста на јавниот долг, а воедно ќе придонесеме и кон финансиска едукација на широката јавност – рече министерката Ангеловска.

Платформата се состои од пет дела: јавниот долг и компонентите од кои се состои, движењето на долгот по години, финансирањето на јавниот долг во 2020 година, издавањето хартии од вредност и едукативен дел. 

На страницата се достапни податоци за средствата што ќе се повлекуваат на домашниот и на странскиот пазар во текот на 2020 година, но и старите долгови во износ од над 700 милиони евра што ќе треба да се отплатат дома и во странство.

Во насока на зголемување на фискалната транспарентност на платформата се објавуваат податоци кои претходно не биле објавени, како што се долгот на јавните претпријатија за секое одделно, но и очекуваното задолжување и раздолжување на претпријатијата во 2020 година.

Исто така, детално се објаснети инструментите за финансирање на долгот – државните хартии од вредност и еврообврзниците.

– Изминатиов период за секоја аукција имаше вести дека државата се задолжила за одреден износ. Утредента, пак, кога се раздолжувавме по основ на стари доспеани долгови од претходно издадени  државни хартии од вредност, тоа не се пренесуваше. А вистината колку пари се повлекле по основ на таа аукција, е на средината. Тоа е сумата што сме ја издале минус сумата што сме ја вратиле утредента или во некој од следните денови. Понатаму, државните хартии од вредност сега имаат историски најниска каматна стапка и се еден од најевтините извори за финансирање на буџетскиот дефицит – рече Ангеловска и посочи дека ако за 12-месечни записи каматната стапка порано изнесувала  8% сега таа изнесува 0,5%.

Дадени се податоци од сите досега издадени еврообврзници со сума и каматна стапка, како и кога доспеваат за отплата.

– Ако кликнеме на отплатите на еврообврзниците, ги гледаме сите обврзници како што доспеале или доспеваат за наплата. И како што гледате, годинава, во 2021, 2023 и 2025 година доспеваат за отплата еврообврзници во вкупна вредност од една милијарда и 628 милиони евра – рече Ангеловска.

Таа посочи дека оваа алатка може да се користи и во насока на финансиска едукација бидејќи има доста аналитички компоненти.

– Да се обратам на младите, на студентите – УЧЕТЕ, АНАЛИЗИРАЈТЕ, истражувајте… имате податоци да правите семинарски, дипломски, проверувајте сѐ што ќе ви се презентира, сами пресудувајте што е популизам што е вистинска работа и желба да се сработи и да се покаже со дело. Проверувајте, читајте што е точно а што е популистичка извртена или лажна вест. Мојот став е прагматичен и имаме многу проблеми за решавање и затоа треба сите да се фокусираме да ги решаваме истите, а време за популизам немаме – рече Ангеловска.

Платформата е достапна на македонски, англиски и албански јазик, истата ќе се ажурира на месечно и тримесечно ниво, согласно објавата на различни категории податоци. Инаку ова е трета алатка за транспарентност пуштена од страна на Министерството за финансии во последната половина година, по „Отворени финансии“ и „Реализација на капитални расходи по буџетски корисници“.   

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window