30 ноември 2019, Скопје – Реализирањето на функциите на државата, преку полнењето на Буџетот, е заедничка обврска на двете институции, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи – едната го обезбедува со прилагодување на регулативата, а другата оперативно. Високиот процент на реализација на буџетските приходи, над 79 проценти кај даноците и над 81 процент кај придонесите, заклучно со октомври, ја покажува одличната соработка на двете институции, што резултира со стабилни јавни финансии и развој на економијата, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на одбележувањето на 25-годишниот јубилеј на Управата за јавни приходи и Денот на даночните работници Свети Матеј.
– Современата технолошка револуција ја притиска и Даночната управа да прави брзи промени, за да може да се прилагоди на смарт и дигитално општество, во кое сме веќе влезени. Дигиталната експанзија не нѐ одминува. Управата веќе прави анализи врз основа на big data. Како човек кој верува дека технологијата може да реши многу проблеми, верувам дека со понатамошно усовршување, можеме да станеме и поефикасни и поефективни. ’Секогаш можеме и подобро’ е моето мото, за што се согласуваме со директорката на УЈП и ќе работиме на тоа со здружени сили – посочи Ангеловска.
Управата за јавни приходи интензивно се дигитализира. Повеќе од 95 проценти од данокот на личен доход го администрира исплатувачот, што го олеснува работењето на УЈП, ја зголемува контролата и ослободува ресурси. Претпополнетата даночна пријава за данок на личен доход, што успешно беше воведена оваа година, е значајна и од аспект на укинувањето на хартиените даночни пријави. Еколошки ефект, но истовремено и големо олеснување за компаниите ќе има и најавеното укинување на сметкопотврдата како документ за користење на правото на одбивка на ДДВ до 6.000 денари.
– Овде сакам да најавам натамошен чекор кон електронското сметководство и придонес кон бесхартиената околина со воведување на електронската фактура. И сега постои законска можност за примена на е-фактура. Министерството за финансии веќе работи на операционализација на оваа новина. Тоа ќе биде уште еден голем предизвик пред даночната администрација, Министерството за финансии и Владата. Но, тоа е предизвик со кој вреди да се соочиме – укажа министерката за финансии.
Нагласувајќи дека без висококвалификуван човечки капитал, знаење и нови технологии не е можен напредок во ниедна, а камоли во чувствителната сфера на оданочувањето, Ангеловска кажа дека Управата за јавни приходи ја има целосната поддршка на Министерството за финансии во процесот на внесување нова клима во работењето на даночната администрација, што подразбира квалитетно и транспарентно работење и одговорност за резултатите.
– Државата мора да ја подготви својата даночна администрација за времето што доаѓа. Дигиталните номади, ако решат да платат данок во Македонија затоа што им одговара даночниот товар, сигурно тоа нема да го прават доаѓајќи на шалтер. Од друга страна, ги имате традиционалните плаќачи на данок, чиј даночен морал можеме да го зајакнеме со поедноставување и намалување на даночните постапки, со подобрување на даночните услуги и пред сѐ ако ги увериме дека ефикасно и ефективно управуваме со средствата што ги плаќаат. Затоа транспарентноста не е само збор во програмата на Владата туку е одраз на решеноста да им покажеме на граѓаните и на компаниите дека ништо не сакаме да скриеме – рече министерката Ангеловска.
Министерството за финансии овозможи јавен увид во трансакциите на буџетските корисници со алатките за реализација на капиталните инвестиции во Буџетот и со платформата Отворени финансии, со што придонесе кон зголемување на транспарентноста. Дигитализацијата и новите технологии значат и соголување на сите чинители на фискалниот систем, нивно отворање за анализа, за критики и за конкретни постапки ако работењето не е во согласност со законите.
– Но, само дигитализацијата и воведувањето технологија не може да ги даде целосните ефекти доколку не постои визија. Паметно општество ги искористува моќта и потенцијалот на технологијата да ги направи граѓаните попродуктивни, да ни овозможи да се фокусираме на нашите ресурси и да придонесуваме за активности кои се важни со крајна цел да се подобри здравјето, благосостојбата и квалитетот на животот и општеството – рече Ангеловска.
Прославата на јубилејот на Управата за јавни приходи оваа година беше под мотото „Приходи, предизвици, партнери“.