22 септември 2019, Скопје – Министерката за финансии, Нина Ангеловска е една од седумте жени претприемачи во светот, избрана за „Жена амбасадор на е-трговијата“ од страна на Обединетите нации (ОН). Во рамки на 74-то Генерално собрание на ОН, кое се одржува од 23 до 28 септември во Њујорк, Ангеловска ќе биде промовирана како една од првите „жени амбасадори на е-трговија“. Станува збор за исклучително и уникатно признание кое го доделува телото на ОН за трговија, инвестиции и развој УНКТАД (Конференција на ОН за трговија и развој), во рамки на иницијативата „Е-трговија за сите“.

„Жените амбасадори на е-трговија“ ќе им се придружат на светските лидери во разгледувањето на досегашните резултати од имплементацијата на Агендата 2030 – Цели за одржлив развој на Обединетите нации и ќе дискутираат за унапредување на оваа агенда. 

Од иницијативата на УНКТАД – „Е-трговија за сите“, истакнуваат дека „супер седумката“ е избрана со цел да се поттикнат и инспирираат жените во светот да преземат иницијативи и да ги искористат предностите што ги носи глобалната дигитална економија, која е во постојан развој. „За забрзување на економскиот раст и намалувањето на сиромаштијата во земјите во развој, потребно е да се искористи позитивното влијание на дигиталната технологија во комбинација со трансформативната моќ на претприемништвото кај жените“, се вели во објавата на УНКТАД.

Покрај министерката Ангеловска, која ова признание го добива како соосновачка на Grouper.mk, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Република Северна Македонија, другите избрани „амбасадорки на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrand, Клаудија де Хередиа од Мексико соосновачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe. 

Веќе неколку години наназад придонесот и работата на Ангеловска е препознаена ширум светот. Меѓу позначајните меѓународни признанија е и признанието од Форбс кој ја вброи во листата на 30 најуспешни и инспиративни млади лидери под 30 години во Европа во категорија „Малопродажба и е-трговија“. Ангеловска е единствена претставничка од Европа која оваа година го добива признанието од УНКТАД.

Инаку, иницијативата на УНКТАД – „Е-трговија за сите“ има за цел да придонесе во креирањето политики во националните и меѓународните дијалози во насока на еманципација и развој на способностите на следната генерација жени претприемачки. Оваа иницијатива е поддржана и од Владата на Холандија.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window