Административниот совет на Банката за развој при Советот на Европа и одобри заем на Република Македонија во износ од 46 милиони евра за реконструкција на казнено-поправните установи, чиј имплементатор ќе биде Управата за извршување на санкции при Минстерството за правада.

&nbsp

Министерот за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција информира дека вкупниот износ за реализација на Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи изнесува 52 милиони евра, од кои 46 милиони евра се кредит од Банката за развој при СЕ, околу 2,5 милиони евра се обезбедени од Буџетот на Република Македонија, а останатите средства се обезбедени од ИПА програмата за 2009 и 2010, како и од Фондот за инфраструктурни проекти и норвешката Влада.

&nbsp

Средствата што Банката за развој при СЕ и ги доделува на Македонија, како што потенцира Ставрески, се уште една потврда дека реформите во овој сегмент и напорите на Македонија се потврдени од страна на највисокото управувачко тело на оваа Банка и се уште една потврда дека европските банки ја изразуваат поддршката на Македонија во процесот на евроинтеграциите.

&nbsp

– Условите под кои се добини средствата се исклучително поволни. Рокот за отплата на кредитот е до 20 години, со грејс период до пет години. Каматната стапка е исклучително ниска околу 1,2 проценти. Тоа се надобрите можни услови што може да се добијат на пазарот во вакви кризни времиња, рече министерот Ставрески.

&nbsp

Министерот за правда Михајло Маневски нагласи дека реализацијата на овој Проект ќе придонесе до промена на изгледот на затворите во Македонија, односно ќе се обезбедат услови за функционирање на затворите според европски стандарди, ресоцијализација и хумано постапување со осудени лица и создавање оптимални услови за престој и работа на осудените и вработените во затворите, јакнење на здравствените служби и грижа за здрaвјето, вработување на нови кадри и нивна едукација.

&nbsp

Проектот за реконструкција на КПУ во Македонија опфаќа обнова, реновирање и изградба на нови објекти во КПД Идризово, воспитно-поправниот дом Тетово, како и во затворите Скопје и Куманово.

&nbsp

– Со Проектот се предвидува проширување на КПД Идризово со изградена површина од 43.000 метри квадратни, а сегашниот капацитет од 900 места ќе се зголеми за 1.510 лица. Ќе се изгради нов воспитно-поправниот дом Тетово со површина од 2.640 метри квадратни со капацитет од 84 малолетни лица, во затворот Скопје ќе се изградат нови објекти со површина од 12.235 метри квадратни, а вкупниот капацитет на установата ќе биде 634 осудени и притворени лица, а ќе се доврши и изградбата на затворот Куманово со објекти од вкупна површина од 5.500 метри квадратни и капацитет од 250 лица, појасни министерот за правда.

&nbsp

За реализација на Проектот веќе е подготвена архитектонско-урбанистичка документација и изработени се урбанистички и идејни проекти за четирите установи. Градежните работи во четирите установи ќе започнат во првата половина на 2011 година, а предвидено е Проектот да се реализира до 2015 година.

&nbsp

Владата на Република Македонија за реализација на овој Проект тргна од исполнувањето на стандардите утврдени во Европските затворски правила на Советот на Европа, Стандардните минимални правила за постапување со затвореници на ООН и Конвенцијата за спречување од тортура и нечовечко однесување.

Comments are closed.