18 септември 2020, Скопје – Воведување државна гарантна шема, даночен календар и електронска фактура се некои од барањата коишто министерот за финансии, Фатмир Бесими, за време на средбата во Стопанската комора на Македонија, им вети на стопанствениците дека ќе ги реализира во наредниот период.

Стопанствениците побараа полесен пристап до капитал, особено сега во услови на светска економска криза, кога тој е лимитиран. Министерот за финансии Бесими посочи дека преку државната гарантна шема значително ќе се подобри пристапот до капитал, така што државата со 10 милиони евра гаранција ќе им го олесни подигнувањето кредити на фирмите од комерцијалните банки. Како што најави министерот, овој проект треба да се реализира до крајот на годината.

Во поглед на даночната регулатива, бизнис-заедницата побара поголема предвидливост преку воведување даночен календар, со што подолг период однапред ќе се знаат измените коишто би ги правела државата во даночната регулатива. Министерот за финансии посочи дека ова е прифатливо барање и дека една од заложбите во четиригодишниот мандат ќе биде поголема даночна предвидливост. Но исто така рече, дека во услови на криза понекогаш се потребни брзи акции кои, се разбира, би биле во интерес на стопанствениците.

Во поглед на парафискалните давачки, тој најави дека во текот на следните четири години истите ќе се скратат за 75%.

За барањето за електронска фактура беше посочено дека во рамки на Министерството за финансии се веќе одржани работни состаноци во однос на можноста за практична имплементација. Понатаму ќе се направи скрининг на релевантните закони и ќе се изготви предлог-правилник којшто ќе се однесува на електронската комуникација, доставувањето, преносот и приемот на е-фактура.

Министерот за финансии истакна дека овие средби со коморите се неопходни. На тој начин се слушаат реалните потреби и проблеми на стопанството. Посочи дека континуираната соработка со бизнис-секторот е неопходна и во време кога економијата е во добра кондиција, а особено сега, во време на најголемата глобална економска криза во последните децении, е од суштинско значење за димензионирање вистински политики и мерки што ќе бидат скроени согласно реалните потреби на стопанството. Тој најави дека дијалогот министер за финансии – комори ќе продолжи и со другите стопански комори коишто ги претставуваат компаниите во земјава.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window