Скопје, 2 јуни 2012 (МИА)  – Новите 111 милиони евра, преку две од последните 12 владини мерки, се директна поддршка на стопанството и претпријатијата.

 

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во овие тешки услови ќе помогнат на претпријатијата да обезбедат обртни и средства за инвестции, но ќе овозможат и зачувување на многу работни места. За стопанствениците, претставени во трите стопански комори, поддршката е добредојдена, условите исклучително поволни и очекуваат да станат достапни што поскоро.

 

– Владата обезбеди 111 милиони евра за поддршка на фирмите во вакви тешки времиња, во услови кога нарачките од европската економија се намалуваат и кога пласманите на банките во Македонија се пониски од претходно. Од тие причини активноста на Владата за обезбедување нови 111 милиони евра кои директно ќе бидат ставени во функција на претпријатијата од Македонија ќе овозможат да се обезбедат и ликвидни средства и средства за инвестиции. И во едниот и во другиот случај станува збор за исклучително поволни средства, што се обезбедуваат по поволни услови какви што нема ниту на домашниот пазар ниту пак во Европа, изјави министерот за финансии по денешната средба со претставниците на стопанските комори во Македонија и Македонската банка за поддршка на развојот.

 

Со 10,7 милиони евра преку докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот ќе се поддржат претпријатијата кои се занимаваат со откуп, преработка и извоз на земјоделски производи. – Одлучивме за поддршка на еден приоритетен сектор, каде ќе бидат финансирани мали и средни претпријатија, кои ќе добијат средства со ниска камата што ја немало во овие 20 години од само 3 проценти, со рок на отплата од пет години и грејс период од една година, рече министерот кој додаде дека оваа мерка е на барање на коморите и фирмите. Од овие средства фирмите ќе може да добијат и обртни средства при што условите ќе бидат рок на отплата од 18 месеци и грејс период од три месеци.

Со кредитната линија од Европската инвестициска банка од 100 милиони евра средства ќе добијат и големите компании за кои се наменети 30 отсто од вкупниот износ, а 70 милиони се за малите и средните претпријатија, каде средствата ќе бидат дадени по субвенционирана камата од 5,5 проценти и рок на отплата од 8 години со грејс период од две години.

 

– Ова се исклучително поволни услови кои ќе помогнат на фирмите да стекнат средства кои ќе ги наменат дел за инвестиции и за обртни средства. Со тоа веруваме дека ќе успееме да зачуваме и илјадници работни места во Македонија, но се надевам и да креираме одреден број работни места, иако времињата се тешки и е јасно дека за сите нас оваа европска криза создава дополнителна тежина која Владата, заедно со стопанството, банките, Народната банка,  треба заеднички да ја надминеме, истакна министерот Ставрески.

 

Тој смета дека успешно ќе биде реализирана бидејќи е веќе проверен механизам кој се покажа како успешен за спас на македонската економија и за поддршка на македонските фирми. – Досегашните 150 милиони евра од Европската инвестициска банка се искористени од 712 компании со кои беа креирани 3.200 работни места, а 35 милиони евра се директно за обртни средства кои им помогнаа на фирмите да ги надминат тешкотиите и беа искористени од фирми кои спаѓаат во 25 општини, што значи имаше и регионален карактер, истакна министерот.

 

Средствата од Европската инвестициска банка ќе бидат повлечени во транши при што минималниот износ на една транша е 5 милиони евра, но, како што истакна директорот на МБПР Драган Мартиновски, доколку има интерес од компаниите може да бидат повлечени и во помал број транши.

 

Стопанствениците очекуваат овие средства да бидат што поскоро повлечени и да станат оперативни.

 

– Овие средства се значајни за стопанството и доаѓаат во вистинско време кога се најпотребни на компаниите и  треба да влезат час поскоро и да станат оперативни, истакна Мирче Чекреџи, извршен директор на Стојузот на стопанските комори на Македонија и додаде дека во овој момент не може да каже дали тие ќе бидат доволни за претпријатијата да ги надминат тешкотиите со кои се соочуваат.

 

Тој потенцира дека условите по кои ќе бидат достапни на фирмите се исклучително поволни и оти досега немало каматна стапка од 3 проценти.

 

За претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески денешната средба е пример за вистински јавно-приватен дијалог кој продолжува. – Нашите заложби за развој на инфраструктурата, извозот и инвестициите во овој период на криза во Европа ќе претрпат одредени измени. Затоа инсистираме и сакаме да видиме што почесто ваков дијалог меѓу Владата и приватниот сектор, за разгледување на сите можни промени кои настануваат во секторите што се носечки во македонскта економија, истакна Азески.

 

Фатмир Битиќи, извршен директор на Стопанска комора на северозападна Македонија, ги поздрави мерките и истакна дека тие не само што ќе ја ублажат финансиската криза на малите и средните претпријатија, туку ќе помогнат и да се ублажат влијанијата од сегашното работење на компаниите.

 

Овие мерки, додаде Битиќи, ќе направат доволен поттик за целото стопанство да може да излезе од сегашната состојба.

Comments are closed.