Скопје, 5 март 2012 (МИА) – Премиерот Никола Груевски денеска во Њу Делхи ги повика индиските бизнисмени да ја посетат Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности и да инвестираат. Вети максималната поддршка од владините институции за реализација на нивните инвестиции и деловните потфати со македонските компании.
– „Митал Стил“, „Самвардана Мадерсон Груп“ и „Бинани групацијата“ се индиски инвестиции во Македонија , кои имаат одлични искуства во водењето бизнис, рече премиерот Груевски на бизнис форумот во Њу Делхи организиран од Конфедерацијата на индиската индустрија, Асоцијацијата на стопански комори на Индија и Федерацијата на индиските стопански комори за трговија и индустрија, на кој учествуваа над 120 индиски компании.
Како што се наведува во соопштението, премиерот ја акцентираше големината на индиската економија, нејзиниот раст за 20 пати во 2 децении, и за два пати зголеменото учеството на индискиот извоз на добра и услуги во глобалниот извоз, како и индискиот извоз на капитал.
Тој се осврна и на реформите на деловното окружување во изминатите 6 години, и вреднувањето на истите од страна на реномираниот Дуинг бизнис извештај на Светската банка за 2012 година, и ги запозна инвеститорите со економските политики и инвестициските можности. Се задржа на макроекономските резултати, просечна стапка на инфлација од 2,5% во изминатава деценија, либерализираната надворешна трговија и непречениот пристап до над 650 милиони потрошувачи. Беа споменати политиката на низок буџетски дефицит и претпазливо задолжување, а беше потенциран и низок рамен данок од 10 проценти за персоналниот доход и за добивката, ослободувањето од оданочување на задржаната добивка, и инвестициите од од 6 отсто од БДП во образованието.
На Форумот свои обраќања имаа и претседавачот со Комитетот за пазар на капитал на Асоцијацијата на стопански комори на Индија, Агарвал претседавачот на Федерацијата на индиските стопански комори за трговија и индустрија, Девин Наран и владинот секретар за западни земји во Министерството за надворешни работ, Шри Ганапати, кои изразија задоволство што за прв пат учествуваат на настан на кој што се презентираат македонските потенцијали во Индија, и истакнаа дека брзорастечката индиска економија постојано гледа можности за интернационализација на своето производство и услуги и во тој контекст гледаат на потребата за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји.
Презентација имаше и вицепремиерот и минситер за финансии Зоран Ставрески кој зборуваше за зголемување на конкурентноста на македонската економија, особено во делот на фискалната политика, за регулаторната гилотиња и можностите за инвестиции во инфраструктурата и енергетскиот сектор, како и доброто справувањето со предизвиците кои доаѓаат од должничката криза во Европа, што е потврдено и од светските агенции за кредитен рејтинг.
Презентации имаа и министерот Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, кои во детали ги запознаа индиските бизнисмени со деловното опкружување и компаративните предности во повеќе области што Македонија ги нуди.
Премиерот Груевски и министерот Ставрески остварија и тет-а-тет средби со неколку заинтересирани индиски компании.
Владината делегација од тука заминува на уште еден бизнис форум во Њу Делхи кој што е во организација на групацијата Сахара Индиа Паривар.