Скопје, 26 декември 2012 (МИА) – Министерството за финансии им додели на општина Босилово заем од 24,57 милиони денари и 21 милион денари на Општина Ранковце за изградба, реконструкција и асфалтирање на улици.
Како што соопшти Министерството за финансии, со обезбедените средства општина Босилово ќе изврши изградба на две локални улици во селата Петралинци и Радово и дел од локален пат кој ги поврзува селата Моноспитово и Банско. Вкупната должина на улиците, односно патиштата, изнесува 2.462 метри. Улиците во селата Петралинци и Радово се земјени патишта кои не ги обезбедуваат минималните услови за безбедно и нормално одвивање на сообраќајот, поради што е предвидена нивна изградба.
Општина Ранковце, со добиениот заем ќе изврши изградба на локални улици во општината. Проектот предвидува изградба на седум локални улици во Ранковце, Гиновци и Петралица. Сите локални улици се станбени улици кои поврзуваат поголем дел од еден урбан блок во соодветните населени места. Исто како и во општина Босилово, и во оваа општина станува збор за улици кои се во многу лоша состојба. Тоа се тампонирани земјени улици, со значителни деформации и нестандардни хоризонтални и вертикални елементи.
Ваквите улици не ги задоволуваат ниту минималните сообраќајни стандарди и норми и претставуваат сериозен проблем за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, стои во соопштението од МФ.
Условите на заемите се исклучително поволни, каматната стапка се состои од шетсемесечен ЛИБОР со варијабилен распон и во моментов изнесува 0,59 проценти. Рокот на отплата е 13 години со вклучен грејс период од 3 години. Финансиите се дел од „Проектот за подобрување на општински услуги“ со кој Владата на Република Македонија од Светска банка обезбеди 50 милиони долари за помош на општините. Досега во рамки на проектот се склучени 29 договори со 29 општини.