Скопје, 16 ноември 2012 (МИА) – Можностите за инвестирање во образованието во Македонија денеска беа презентирани пред претставници на реномирани европски и светски универзитети за време на конференцијата „Macedonia Education One World“.

 

Целта е Македонија да се претстави како лидер во регионот во делот на високото образование и да се поттикнат европските и светските универзитети да пренесат дел од својот образовен процес во Република Македонија.

 

Според премиерот Никола Груевски, напредокот во образованието е фундаментален метод за севкупен општествен напредок на државата, а визијата на Владата е Македонија да прерасне во регионален образовен центар кој ќе продуцира високостручен образовен кадар.

 

– Нашата интенција е Македонија да прерасне во регионален образован центар. Оттука, нашата стратешка определба е постојано инвестирање во науката и во образовниот систем и поддршка на сите инвестиции на ова поле, отворање на нови универзитети, поврзување со странски универзитети, развивање на заеднички научно-истражувачки проекти, развој на заеднички програми за студирање, размена на студенти и професори, стипендирање на наши студенти кои студираат на најпрестижните универзитети во светот, како и привлекување голем број странски универзитети да отворат високообразовни установи во Македонија, истакна Груевски во обраќањето на конференцијата.

 

Осврнувајки се на сето она што е направено во делот на образованието, премиерот Груевски рече дека во изминатите шест години Владата инвестирала по шест отсто од БДП во образованието и најави дека и во иднина ќе продолжи поддршката за успешна реализација на сите образовни проекти.

 

– Свесни сме дека Македонија не располага со некои големи природни ресурси и наш единствен инструмент за натпревар со големите земји до Европа и светот е токму знаењето како јавно добро. Ние сме мала држава, но со богата културна и образовна традиција. Впрочем првиот првиот сесловенски универзитет на тлото на Европа е токму Светиклиментовиот универзитет од Охрид, основан во далечната 886 година, нагласи Груевски.

 

За вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, денешната конференција е можност европските и светските универзитети да ја позиционираат Македонија на нивните мапи и да пренесат дел од нивниот образовен процес во државава.

 

– Македонија нуди многу како дестинација за инвестиции. Се наоѓа во средина каде се присутни сите можни фактори за реализација на образовниот процес и е блиску до европските земји. Се надевам дека ќе го предизвика интересот на сите кои денеска се присутуни и оти во блиска иднина ќе можеме да констатираме дека ќе има инвестиции и во секторот на високото образование од страна на европските и светските универзитети, изјави вицепремиерот Ставрески.

 

Интерес за инвестирање во образованието засега има од индиската компанија CEL Pvt Ltd која планира да гради образовен комплекс во околината на Велес во кој би биле сместени странски образовни школи.

 

– Се решивме да инвестираме во образованието во Македонија имајќи предвид дека таа има централна географска позиција, со одлична политичка волја и поволни можности за инвестирање. По опсежна анализа од 8 до 12 месеци одлучивме дека Македонија е најдоброто место за инвестирање во образованието, изјави генералниот директор Амбриш Чадра.

 

Според него, има голем интерес за проектот од присутните на конференцијата, но клучни ќе бидат следните неколку месеци кога ќе се прецизираат сите детали за негова реализација.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.