Македонија е првата земја во регионот која воведе биометриски пасоши со висок квалитет и лични карти за домашните државјани и за странците што престојуваат во нашата земја. Стандардите на овие документи се меѓу најдобрите во Европа.
Македонија е првата земја во регионот која воведе биометриски пасоши со висок квалитет и лични карти за домашните државјани и за странците што престојуваат во нашата земја. Стандардите на овие документи се меѓу најдобрите во Европа. Македонија од своето осамостојување во 1991 година, како стратешка цел го определи приклучувањето кон Европската Унија. Либерализацијата на визниот режим е еден од најзначајните и за граѓаните највпечатлив дел од тој процес. Слободното движење на луѓето и стоките преку границите е еден од основните постулати на ЕУ, па не е изненадување што мнозинството македонски граѓани членството во ЕУ го перципираат преку обезбедувањето слободен визен режим. Во тие рамки, во изминатиов период континуирано се преземаа активности за реализација на обврските што произлегуваат од т.н. Патоказ кон ЕУ (EU Roadmap) во насока на либерализација на визниот режим.
Последниот значаен настан во делот на визната либерализација се случува токму оваа недела. Имено, експертски тим на Европската комисија ја спроведува првата оценувачка мисија за подготвеноста на Македонија за безвизен режим. Што може да очекуваме од оваа мисија? Ако се суди според најавите пред почетокот на мисијата, има простор за разумен оптимизам. Имено, во изминативе неколку месеци, слушнавме многу позитивни коментари од истакнати личности во ЕУ, вклучително и самиот заменик претседател на ЕК за правда, слобода и безбедност г. Жак Баро, за тоа дека Македонија е лидер во регионот во однос на подготовките за либерализација на визниот режим. Што е тоа што Македонија го направи, што ни дава право да очекуваме позитивна политичка одлука во 2009 година?
Прво, во однос на безбедноста на патните документи, Македонија е првата земја во регионот која воведе биометриски пасоши со висок квалитет и лични карти за домашните државјани и за странците што престојуваат во нашата земја. Стандардите на овие документи се меѓу најдобрите во Европа. Досега се издадени околу 350.000 пасоши и околу 340.000 лични документи со новите европски стандарди.
Македонија е, исто така, првата земја во регионот која воспостави Национален визен информациски систем кој овозможува брза, конзистентна и прецизна верификација на секој барател низ постојните бази на податоци. Новиот систем нуди поддршка за интегрирање со Шенген-информацискиот систем. Македонија воедно е и првата земја која воспостави Национален координативен центар за гранично управување, чија основна задача е надзор на сите гранични премини, брза размена на информации и координирање на заедничките активности и операции. Во фаза на имплементација е информацискиот систем за интегрирано гранично управување, кој ќе биде завршен до крајот на март оваа година.
Капацитетот на граничната полиција за контрола на границите континуирано се зголемува, вклучувајќи обуки и бројност на персоналот. Донесени се оперативните процедури за надгледување на државната граница во согласност со шенгенскиот Прирачник за гранична полиција. Во тек е поврзување на граничните премини со информатичкиот систем на Интерпол, со што ќе се овозможи директен пристап до базите на податоци на Интерпол, како еден вид второстепена контрола покрај првична контрола која се прави низ системот за контрола на патници и возила. Инсталиран е систем на видеонадзор на граничните премини, кој овозможува заедничко користење на опремата од страна на полицијата и царината, како и другите субјекти на интегрираното гранично управување.
Во областа на миграцијата, подготвена е Резолуција за миграционата политика за 2009-2014 година, како стратешки документ што ги утврдува елементите и критериумите на миграционата политика и миграциските процеси преку призмата на визниот режим. Во декември 2008 беше усвоена и Стратегијата за интеграција на бегалци и странци за периодот 2008-2015 година. Таа ќе служи како основа за развој на националните акциони планови за интеграција на бегалците и странците во општеството. Воедно, успешно се спроведуваат одредбите од Законот за странците со кој се регулира протерувањето на странците што илегално престојуваат на територијата на Македонија. МВР формира и Прифатен центар за странци, во кој се сместуваат странците што илегално престојуваат на наша територија.
Разбирајќи ја слободата на движење како фундаментално човеково право Македонија во континуитет врши усогласување со визниот режим со ЕУ. Во овој контекст, донесени се две значајни одлуки: дека не е потребна виза за државјаните кои доаѓаат од земјите што се наоѓаат на белата листа на ЕУ, како и тоа дека се дозволува влез во Македонија за сите државјани на земјите-членки на ЕУ само со лична карта. Истовремено активно ги исполнуваме обврските преземени со Договорот за реадмисија со ЕУ.
Македонија забележа значаен напредок во борбата против трговијата со луѓе и во спречувањето на илегалната миграција (класифицирани сме во Тиер 1 на американскиот Стејт департмент во Извештајот за лица од 2008) – го подобри својот капацитет за идентификување и заштита на жртвите, додека агресивните напори за кривично гонење резултираа со зголемен број осудени сторители. Определбата за бескомпромисна борба со организираниот криминал е евидентна низ големиот број реализирани случаи кои завршуваат со судски пресуди. Акцијата „Пепел“ во која МВР заплени 25 тони нелегално произведени цигари и која резултираше со кривична пријава против 45 физички лица, е последниот и највпечатлив доказ за тоа. Решителноста во напорите за превенција и казнување на корупцијата е потврдена и преку донесените судски одлуки во голем број корупциски предмети, вклучувајќи именувани функционери, судии, градоначалници, адвокати, нотари, царински и полициски службеници, лекари, стечајни управници, лица вработени на патни наплатни рампи, извршни директори на фирми итн.
Во целина, сработеното ни дава право да сме оптимисти. Европа мора барем по овој основен постулат на своето постоење, слободно движење на луѓето, да покаже принципиелност и да ја оцени Македонија според сработеното и критериумите. Ако претстојните избори поминат добро, Европската комисија би требало да препорача визна либерализација за Македонија.
Зоран Ставрески