Скопје, 14 јуни 2012 (МИА) – Македонските граѓани од почетокот на ноември добиваат можност да летаат од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје кон шест нови дестинации по ниски цени, од најмалку 9,99 евра во еден правец, кои ќе ги опслужува унгарската авиокомпанија Виз Ер со субвенции од Владата.
Тоа го објавија денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски, кои ја презентираа одлуката на Владата за субвенционирање на Виз Ер, авиокомпанија која ја избраа со спроведената постапка за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај. На повикот објавен во мај годинава подигнале документација три компании, но само Виз Ер доставиле понуда и ги исполниле критериумите.
Виз Ер, како авиопревиозник што ќе добива субвенции во период од три години, од 28 октомври треба да воспостави летови двапати неделно кон Милано, Ајнховен, Дортмунд и Минхен, двапати неделно од 29 октомври до Малме, како и трипати неделно од 30 октомври до Базел. Авиокомпанијата понудила и алтернативна дестинација за оперирање до Брисел која можеби ќе ја развие во наредниот период. На годишно ниво со воведувањето на новите линии се очекуваат околу 250.000 патници. Виз Ер има обврска најдоцна до крајот на годинава да воспостави база од најмалку еден авион на аеродромот „Александар Велики“ и да ја одржува во период од три години согласно склучениот договор.
Според вицепремиерот за економски прашања Пешевски, субвенционирањето на авиолетовите е еден од проектите за зголемување на сообраќајот на аеродромите во Скопје и во Охид и на бројот на туристи. – Од оваа мерка ќе имаат корист не само туристите туку и македонските граѓани бидејќи ќе може да се патува по навистина ниски цени. Од разговорите со Виз Ер постојат најави дека цените на билетите ќе почнуваат со 9,99 евра во еден правец. Претпоставувам дека тука можеби ќе има некои дополнителни такси, но во секој случај се работи за исклучително ниски цени, рече Пешевски.
Очекуваните ефекти, согласно критериумот за добивање субвенци, се во првата година да има најмалку 120.000 нови патници, односно по 10.000 месечно, најмалку 135.000 во втората година и најмалку 150.000 патници во третата година. – Уверени сме дека овие цифи се минимални затоа што реално очекуваме да добиеме околу 250.000 патници на годишно ниво затоа што првпат аеродромот „Александар Велики“ првпат се поставува како база за еден од нивните воздухоплови. Тоа е клучен чекор за една компанија да има сериозно присуство во дадена држава. Во разговорите од компанијата е најавено дека тоа во иднина ќе се зголеми на повеќе од еден авион. Со тоа и аеродромот кој е еден од најмодерните во регионот ќе добие уште поголемо значење, појасни Пешевски.
Тој оцени дека веќе има ефекти од реконструкцијата на аеродромите. Од 2012 година споредено со 2010 година бројот на патници на скопскиот и на охридскиот аеродром е зголемен за 15 проценти, а во првите четрии месеци од годинава во однос на истиот период лани за 22 проценти. За годинава Владата одвои 75 милиони денари за субвенционирање авиокомпании кои ќе понудат поконкурентни и пониски цени во авиосообраќајот, а до крајот на 2014 годиназа таа намена се планирани 306 милиони денари. Субвенционирањето се врши врз основа на два модели, воведување нови дестинации и зголоемување на бројот на патници. За воведување нови дестинации е предвидена еднократна финансиска помош во износ од 40.000 евра за секоја од првите шест нови дестинации, а потоа за секоја следна нова дестинација има еднократна финансиска поддршка од 30.000 евра. За бројот на патници има субвенции од девет евра по патник во заминување во првата година од договорот, осум евра по патник во втората година и седум евра по патник во третата година.
– За овој модел на субвенции може да аплицираат и авиокомпании кои веќе опслужувале линии од и до аеродомите во Македонија. Верувам дека со ваквиот начин на субвенционирање ќе ја оствариме целта а тоа е Македонија да го оправда епитетот крстосница на Балканот и да ја искористи својата поволна локација, оцени вицепремиерот Ставрески.
Министерот за транспорт, во одговор на новинарско прашање, нагласи дека Македонија ма законска можност за национален авиопревиозник, но оти Владата моментно нема интерес за тоа. Компаративните анализи од регионот покажуваат дека дел од тие авиокомпании се во многу лоша финаниска состојба, а дел од нив и банкротираат. Сметаме дека ова е најдобар начин за привлекување повеќе патници и ниски цени на билетите, посочи Јанакиески. Најдоцна до крајот на годинава, според него, е можно да има уште еден доставувач на керозин за што се во тек преговори со повеќе реномирани меѓународни компании. Субвенциионирањето на летовите, тврди вицепремиерот Пешевски, не е помош за концесионерот на аеродромите турски ТАВ, туку за граѓаните кои добиваат можност за летови по многу ниски цени. Во целиот процес имал голем удел токму концесионерот кој ги намалил трошоците и над 50 проценти.
– Од двете страни се дели товарот за овој проект. Сепак Македонија долги години беше третирана како посебна дестинација и имавме проблеми со конекцијата. затоа се и оние т.н пекарски летови рано наутро со цел да се стигне до одредена дестинација во регионот и оттаму да се продлжи, укажа Пешевски.