На Скопски саем денеска почна 7-от Меѓународен саем на финансии, деловни можности и економски развој – ФИНЕКСПО 2009 кој ќе трае до 11-ти овој месец.
 
На саемот се присутни 23 банки, осигурителни компании и други финансиски институции кои во трите денови ќе ги претстават своите производи и услуги. Саемот дава можност и за размена на информации, идеи и искуства особено во услови на актуелната глобална економска криза. Во рамки на саемската манифестација ќе се одржат и повеќе трибини, дебати и тркалезни маси. Покрај ФИНЕКСПО, на Скопски саем се одржува и ИНФОКОМ на кој се претставуваат компјутерски компании.
 
Саемот официјално го отвори вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој оцени дека банкарскиот сектор во Македонија една година по светската криза е стабилен и оти кризата ја преброди доста успешно.
 
– Ниедна банка не дојде во ситуација да не може да ги сервисира штедачите или пак да предизвика дестабилизација на системот, рече Ставрески додавајќи дека стабилноста на банкарскиот систем беше поддржана со висок степен на макроекономска стабилност и сигурност на штедните влогови.
 
Тој сепак потенцира дека се уште постојат сериозни предизвици. – Основите за одржлив економски развој се уште се кревки, а внимателниот надзор на финансискиот сектор е и натаму неопходен. Владата и другите надлежни институции мора да останат активни во креирањето на институционални услови за да може процесот на спасување на економијата да се трансформира во нејзино закрепнување, а тоа подоцна во подинамичен економски развој, истакна министерот за финансии.
 
Политиката во сферата на финансискиот систем, како што рече, ќе биде насочена кон одржување на стабилноста и создавање поефикасен и конкурентен финансиски систем кој ќе биде во функција на економскиот развој на земјата.
 
– Гледајќи нанапред, економскиот развој несомнено бара уште поробусна реформа на финансискиот сектор, рече Ставрески додавајќи дека финансискиот систем треба активно да го следи и поддржува закрепнувањето на економијата и мора да биде уште поефикасен, поиздржлив и поотпорен на евентуални идни кризи.
 
Според Гвидо Омладич, претседател на Управниот одбор на Скопски саем, во услови на криза компаниите треба да продолжат со реализација на своите проекти, а не да бидат зафатени од духот на песимизам.(МИА)
09.12.2009 ФИНЕКСПО 2009(слики од настанот).