Битола, 1 февруари 2012 (МИА) – Можностите за владина поддршка на бизнис заедницата, утврдување на потребите од кредитни средства што се на располагање за финансирање одредени проекти и можности за олеснување на даночни обврски.

 

Тоа беа главните теми на денешната средба во Битола на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорите на управите за јавни приходи и за имотно-правни работи Горан Трајковски и Зоран Крстановски со претставници на битолската бизнис заедница.

 

– Во овие кризни времиња какви што се во Европа многу е важно да има редовен дијалог меѓу Владата и бизнис заедницата. Битола има динамичен приватен сектор кој во последно време покажува зголемен апетит и интерес за инвестирање посебно во индустриската зона „Жабени“, но и на други локации. Затоа, сакаме да утврдиме каде Владата може да помогне, каде има потреба од кредитни средства и што се е на располагање за финансирање на одредени проекти, можностите за олеснување во даночните обврски и друга поддршка, истакна министерот Ставрески.

 

Сакаме, посочи тој, да му помогнеме на стопанството во Битола да ги преброди овие тешки времиња, а фирмите да инвестираат и да отвораат нови работни места бидејќи тоа е најзначаен интерес за Владата на Република Македонија. Тоа се очекува од компанијата „Кромберг и Шуберт“ со првичната најава за околу 500 вработувања и вкупно 2.500 вработувања во рамки на целата инвестиција, посочи Ставрески.

 

На јавниот оглас за купување парцели за инвестирање во индустриската зона „Жабени“ кој завршува денеска, според градоначалникот Владимир Талески, досега интерес покажале 12 нови фирми за 14 парцели, а електронското јавно наддавање ќе се одржи на 8 овој месец.

 

Comments are closed.

Close Search Window