Скопје, 20 април 2012 (МИА) – Македонска делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, заедно со гувернерот на Народната банка Димитар Богов, од денеска до недела ќе учествува на редовните пролетни средби на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон.
Како што соопшти Минситерството за финансии, предвидено е вицепремиерот Ставрески да се сретне со извршниот директор на ММФ Мено Снел, потпретседателот на Светска банка Филип Леру и директорката за Македонија Џејн Армитаџ, како и со високи претставници од ММФ и Светска банка, меѓу кои и Руд Треферс.
Во фокусот на разговорите ќе бидат тековната и идната соработка на Македонија со двете институции.
Пролетните состаноци на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година. На нив учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки, кои дискутираат за актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и поттикнување на економскиот раст.