Запленети обувки, козметика и облека денеска добија децата без родители-штитеници на Домот „11 Октомври“ од Скопје. Донацијата која е дел од акцијата на Владата-запленета правосилна стока од Царинската управа ја предадоа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Царинската управа Ванчо Каргов.
 
– Ова е дел од акцијата на Владата во која се донира шверцувана стока во 17 социјални центри низ земјава и резултат на борбата против корупцијата и криминалот. Во соработка со МВР, запленета е голема количина шверцувана стока која се распредели на овие деца, изјави министерот Ставрески и додаде дека и понатаму ќе се продолжи со напорите за подобрување на условите за живот на ранливите категории.
 
Како Влада, потенцираше, донесовме одлука со која секој месец ќе им се доделува 18 илјади денари на деца кои наполниле 18 години, а решиле да студираат. Целта, појасни Ставрески, е преку соодветно образование полесно да е вработат и да формираат семејство.
 
Во рамки на владината акција денеска во Скопје предмети и стока донираа и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за правда Михајло Маневски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за здравство Бујар Османи и министерот за образование и наука Никола Тодоров.
 
Дел од министрите од Владата донираа и во градовите низ земјата. Вицепремиерот задолжен за европски прашања Васко Наумовски во рамки на акцијата го посети Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Охрид за примопредавање помош за оваа институција.(МИА)