Загреб, 13 мај 2010 (МИА) – Македонска делегација предводена од заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески од утре ќе престојува во Загреб, каде ќе учествува на Годишното 19-то собрание на Европската банка за обнова и развој.
Дводневниот состанок на ЕБРД, како што јави известувачот на МИА, ќе биде посветен на тоа како најдобро да се поддржи регионот во периодот што следи по светската економска криза. На него според најавите ќе присуствуваат околу 2.500 високи владини претставници, бизнис лидери, меѓународни и локални институции и граѓански асоцијации.
За време на форумот, вицепремиерот Ставрески ќе оствари повеќе средби со високи претставници на ЕБРД меѓу кои со директорот на бизнис групата за Централна Европа и Западен Балкан, Питер Рајнигер, директорот за енергетика Нандита Парсад, директорот за транспорт Сју Барет и директорот за природни ресурси Кевин Бортз. Планирани се и средби со делегација на Европската инвестициска банка (ЕИБ), како и со претставници на Банката за развој при Советот на Европа. На средбата со делегацијата на ЕИБ ќе се разговара за проектите што веќе се имплементираат, како и за оние проекти на Владата за кои банката има пројавено интерес за финансирање.
Македонската делегација утре пред заинтересираните инвеститори и меѓународни финансиски институции ќе ги презентира можностите за инвестирање и бизнис климата, а на маргините на форумот ке биде потпишан договор за заем мегу ЕБРД и Охридска банка во висина од 10 милиони евра, што ќе биде искористен за кредитирање на мали и средни бизниси.
Од почетокот на своето работење, ЕБРД во Македонија има финансирано повеќе од 510.000.000 евра во над 40 проекти од финансискиот, енергетскиот сектор, инфраструктурата и корпоративните дејности. Во наредните години активностите на банката во Македонија ќе бидат насочени кон поддршка на реалната економија, енергетската ефикасност и подобрување на конкуренцијата. Во најновиот извештај за проценките на економските движења ЕБРД за наредната година предвидува раст на македонската економија од 3,8 отсто.
ЕБРД е меѓународна финансиска институција која поддржува проекти во 29 земји од Централна Европа до Централна Азија. Главно нејзиното инвестирање е насочено кон приватниот сектор.