Скопје, 30 мај 2014 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески учествува на регионалната министерска конференција „Зајакнување на соработката, надминување на економските предизвици и соработка во борбата против сивата економија“, којашто се одржува денес во Приштина.
Домаќин на конференцијата е премиерот на Косово, Хашим Тачи.
Вицепремиерот Ставрески зборуваше на панелот „Улогата на регионалната соработка во борбата против сивата економија“, на кој учествуваа и министрите за финансии на Црна Гора, Радоје Жугиќ, на Албанија, Шкелким Цани и на Косово, Бесим Беќај.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за финансии, конференцијата е можност да се зборува на највисоко ниво за предизвиците кои ги наметнува сивата економија и да се договорат моделите за регионална соработка во иднина.
На конференцијата учествуваат и директорите на управите за јавни приходи и царините од регионот, вклучително и директорот на Управата за јавни приходи на Македонија, Горан Трајковски и директорката на Царинската управа на Република Македонија, Наташа Радевска Крстевска.