Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува во 2011 година намалување на каматните стапки од домашните банки. Банкарите посочуваат дека намалување ќе има, но не некое драстично.

&nbsp

– Очекувам значително намалување на каматните стапки во 2011 година, кое се разбира ќе оди постапно. Очекувам да дојде до намалување бидејќи се создадени сите услови во делот на стабилизација на макроекономските текови и на очекувањата на банките и економските субјекти и во делот на координираноста на монетарната и фискалната политика и се разбира контрола над ризикот со тоа што нормално банките ќе си го направат својот дел на проценка на квалитетот на проектите. Но, во целина ќе имаме намалување на каматните стапки и ги охрабрувам банкарите да го направат тоа, рече министерот Ставрески одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за изградба на катни гаражи во централното градско подрачје.

&nbsp

Директорот на Комерцијална банка Хари Костов посочи дека задутре ќе ги објават каматните стапки кои ќе се применуваат од 1 јануари и оти нивните математики покажуваат дека нема да има некое драстично намалување кај кредитите, но ќе има позначително намалување на пасивните каматни стапки. – Во текот на 2011 година може да се очекува позначително намалување на каматните стапки доколку се направи уште еднаш пресметка на задолжителната резерва кај НБРМ. Во овој момент Комерцијална издвојува повеќе од 1 милион евра со годишна каматна стапка од еден отсто, рече Костов и додаде дека оваа мерка беше воведена и разбирлива за време кога беше кризата, но оти условите не се исти.

&nbsp

Намалувањето на каматните стапки на депозитите, како што рече Хари Костов, не очекува да го намали растот на депозитите кој се забележува во последните години бидејќи, како што истакна, секој ќе направи избор каде да ги даде своите средства и да добие принос.

&nbsp

Во оваа насока, како што рече Ставрески, државата презела мерки за зголемување на штедењето како што се зголемениот износ на осигурување на штедните влогови на 30 илјади евра и одложувањето на оданочувањето на штедните влогови за две години кое ќе стартува од 2013 година, како и создавањето општи услови за подобрување на економијата и водење здрава фискална политика. – И со нивото на буџетски дефицит и со другите мерки што ги преземаме придонесуваме за стабилизација на македонската економија, останатото е секако деловна политика на банките и очекувам дека тука ќе дојде израз конкуренцијата, рече министерот Ставрески.(МИА)

Comments are closed.

Close Search Window