Вицепремиерот и министер за финанисии Зоран Ставрески, како ко – претседател на Меѓувладината македонско – руска комисија за трговско – економска и научно техничка соработка, денеска ја одржа Четвртата седница на мешовитата комисија во Москва.
На седницата од македонска страна беше поднесена Иницијатива за склучување на Договор за слободна трговија со Руската Федерација. Овој договор би го зголемил македонскиот извоз, особено на виното, овошјето, зеленчукот итн. Се очекува во брзо време руската страна да одговори на ова барање.
Втора значајна област која беше опфатена на седницата е од областа на енергетиката, односно зголемување на количините на гас што Русија ги обезбедува за Македонија во рамките на проектот за изградба на гасоводната мрежа. На средбата беше договорено и оперативни тимови од двете страни да пристапат кон подготовка на конкретниот проект за дел од гасоводната мрежа која ќе биде финансирана од клириншкиот долг.
Од двете страни беше искажано задоволствио за зголемениот број на руски туристи во Македонија во 2010 година, како резултат на презентацијата на земјава како туристичка дестинација на руските медиуми. Се очекува следната година над 1000 руски туристи да ја посетат Македонија. Во контекст на тоа, во 2011 година се планираат и 12 чартер летови од Русија – кои повторно ќе допринесат за развој на авиоврските меѓу овие две земји.
За време на Четвртата седница на Мешовитата комисија вицепремиерот Ставрески ја потпиша и Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Московската област на Руската Федерација за трговско-економска, научно-техничка и културна соработка. Оваа спогодба ќе овозможи поголем извоз на македонски производи, како и поголеми можности за инвестиции во земјава од во оваа област.
|